Песната за деца „Во една шума чудесно чудна“ од авторката Марија Бошковска, добитничка на првата награда на Конкурсот за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, е објавена во новиот број на електронското списание за литература и култура „(е)Лит“. Доделувањето на наградите се одржа во Охрид, во организација на ЗПРКДУ „Креативна верига“ – Охрид, со поддршка од општина Охрид. Настанот беше збогатен со изведби на песни од богатото творештво на Тоде Илиевски, претставени од учениците од ООУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид.

Жирито, во состав: Славе Ѓорѓо Димоски (претседател), Лилјана Пандева и Наташа Аврамовска, награди три песни од вкупно 67 пристигнати, за кои комисијата истакна дека ги одликува вештина и игривост, музички интониран стих, јасен и транспарентен поетски стил, кој наедно суптилно и умешно подучува. Втората награда ја доби Светлана Котевска за „Бунт на природата“ и третата награда ѝ беше доделена на Ружица Денковска за „Градинарска судница“. Ова е третото издание на наградите „Тоде“, кои се организираат во чест на поетот за деца Тоде Илиевски.