Сто години од раѓањето на Ристо Лозаноски

За крај на тековнава година, во „Даутпашиниот амам“ се одбележува уште еден исклучителен јубилеј – сто години од раѓањето на Ристо Лозаноски, со исклучителна изложба на дела од овој извонредно важен автор во македонската ликовна уметност.
– Ристо Лозаноски (1923-1965) често е недоречен во своите настојувања и оправдан во стремежите низ овие слики… Тоа што постои е вообличено низ индивидуалниот пристап на уметникот кон ова поднебје… Распнатоста помеѓу она што постоело, она што се создава и треба да дојде е евидентно присутна… – пишува Бранко Илиоски за Ристо Лозаноски.
Како дел од веќе востановените практики што произлегуваат од визијата на Националната галерија и се надоврзуваат на мисијата за зачувување на нашето значајно културно богатство се и периодичните или јубилејните претставувања на најзначајните македонски ликовни творци и нивните остварувања.
– Во селекцијата на претставувањата се истакнуваат авторите застапени во постојаната поставка на Националната галерија, како уште едно настојување за зачувување од заборав и ревалоризација на творештвото на авторите што во одреден културно-историски контекст одиграле важна улога во дефинирањето на она што денес го нарекуваме македонска историја на уметноста. Еден од овие автори е Ристо Лозаноски (р. Големо Илино, 1923 – Белград, 1965), кој во рамките на постојаната поставка на македонската уметност од XIV до XX век, поставена во објектот „Даутпашин амам“, е претставен со две дела: „Прастари облици“, 1961, масло на платно, и „Бела стихија“, 1962, масло на платно, во изложбениот дел што го опфаќа периодот на 1960-тите години, односно историскиот приказ на времето што се однесува на влијанијата и развојот на енформелот во нашата ликовна уметност, што од своја страна доволно говори и за местото и значењето на овој уметник.

Творештвото на Ристо Лозаноски уште од неговите почетоци го забележуваат, а подоцна и го обработуваат голем број македонски историчари на уметноста и ликовни критичари во повеќе нивни осврти, го вклучуваат во приказите на современата ликовна уметност, претставен е во голем број селекции на различни теми, но се чини дека неговиот ликовен опус денес е малку подзаборавен. За значењето на Ристо Лозаноски за македонската ликовна уметност постојат мноштво осврти на критичарите што го вреднувале неговото творештво: Антоние Николовски во повеќе наврати се произнесува за самостојните изложби и е автор на Комеморативната ретроспективна изложба, Уметничка галерија-Скопје, 1969, Борис Петковски, Соња Абаџиева, Ладислав Баришиќ, Владимир Величковски, Марика Бочварова-Плавевска, Лилјана Неделковска, Валентино Димитровски итн. – велат од НГМ.
Присуството на Лозаноски во споменатите селекции се должи на неговиот распространет интерес и дејствувањето „на повеќе полиња“ во смисла на ликовниот израз и изборот на теми што го окупирале неговиот интерес во, сепак, релативно краткиот животен и творечки век (починал на рана возраст од 42 години). Така, Лозаноски уште од самите негови почетоци го интересираат повеќе теми – од портрети, актови и фигури, преку мртви природи, пејзажи и историски (епски, револуционерни) теми, па до теми со извесни реминисценции на традиционалните мотиви, со етнолошка (битова) провениенција.
Прераната смрт на Ристо Лозаноски ја осиромаши македонската уметност за една прогресивна личност чиј понатамошен развој може само да го претпоставиме со изучувањето на она што како автор го оставил зад себе, но и да иницираме понатамошно студиозно проучување на одредени ликовни творечки фази на постојните остварувања.
Куратори на изложбата се Маја Чанкуловска-Михајловска, виша кустоска, и Маја Неделкоска-Брзанова, кустоска советник. Изложбата ќе биде поставена до 27 февруари 2025 година. В.Д.


„Отсекогаш сум се носел со мислата да создадам циклус слики од НОБ. Ги носев во себе, од својата најрана младост, впечатоците од она време, време на партизански колони, јуриши и грчеви во окупираните градови. Настојував да најдам погоден израз на она што сликарски го доживував и на она што е всушност епопејата на НОБ. Стремежот и патот во мојот уметнички развиток беше потребно да ги усогласам со темата НОБ, но да не паднам во наративност и груба пропаганда. Интимното доживување на впечатоците од НОБ втиснати во младоста беше потребно да се спроведе во една мера ненаметливо а присутно, а, од друга страна, тие впечатоци и таа суштина на тој период да се прикажат објективно и вистинито, технички и стилски урамнотежено, за да претставува една интимна сликарска целина за тоа време. Колку сум успеал во тие стремежи, ќе оцени публиката“.
Ристо Лозаноски, од каталогот за изложбата „Циклус НОБ“ од 1959 година