Фото: ЕПА

Во пресрет на концертот на Пласидо Доминго во Скопје

„Прагма продукција“ во копродукција со Националната опера и балет уште минатата година го најави спектаклот што ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ на 14 март. Еден од најголемите тенори на денешницата, но и врвен диригент, освојувач на 12 музички награди „греми“, Пласидо Доминго, за првпат доаѓа во Скопје со премиерен и ексклузивен концерт.
Пласидо Доминго го заслужи своето место во аналите на операта со ѕвездената кариера, која се протега на околу 50 години. Како уметник сам по себе и како член на „Тројцата тенори“, тој стана едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучувајќи и 12 награди „греми“. Тој продолжува да ја зацврстува својата репутација до денес пред публиката низ светот и како извонреден пејач и од неодамна и како диригент. Карактеризиран како ренесансен човек од страна на критичарите, награден со почесни титули и престижни награди, Доминго е и претседател на престижниот меѓународен натпревар за пеење „Опералија“, на кој е и основач, со цел да открие и промовира млади таленти.
Неговиот репертоар вклучува повеќе од 150 улоги, достигнување што не го направил ниту еден друг артист, со над 4.400 настапи, а потврда за неговиот уметнички статус е фактот што тој е почитуван диригент со повеќе од 600 настапи. Бил почесен уметнички директор на стогодишниот фестивал „Арена ди Верона“, како и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и на Националната опера во Вашингтон.
Заедно со него, на сцената во арена „Борис Трајковски“ ќе застане и Марија Жозе Сири, една од водечките сопранистки во светот, која има богата дискографија со ЦД и ДВД-снимки. Нејзиниот репертоар опфаќа дела од Белканто до Веризмо, а таа се издвојува како истакната интерпретаторка на најпознатите хероини на Верди и Пучини. На сцената ќе биде и Жорди Бернасер, еден од врвните шпански диригенти денес, редовно диригира во најпрестижните традиционални театри и со реномирани оркестри. Тој ја започнал својата кариера како асистент на Зубин Мехта, Жорж Претр и особено на Лорин Маазел. Невозможно е да се набројат сите брилијантни оперски улоги што Доминго ги остварил во неговата извонредна уметничка кариера, која непрекинато трае повеќе од половина век, а за ова неверојатно достигнување бил прославен во оперите во Њујорк, Виена, Верона, Милано и Буенос Аирес.
– Ова е уникатна шанса на Македонија конечно да биде позиционирана на светската уметничка мапа, за граѓаните на нашата земја – момент што не смее да се пропушти – велат организаторите.