Бернард Шо во култната драма „Оружјето и човекот“ ги опишува Бугарите на не многу ласкав начин – како луѓе што се капат еднаш во животот и не читаат. Драмата исто така ги прикажува бугарските војници како кукавици и недостојни, а Бугарите како нечисти и диви
Што ги вознемири нашите соседи во текстот на нобеловецот Бернард Шо?
Пред народниот театар „Иван Вазов“ во Софија завчера се одржаа протести против премиерата на претставата „Оружјето и човекот“, која ја поставува холивудската ѕвезда Џон Малкович, по текст на славниот Бернард Шо, еден од ретките добитници и на „оскар“ и на Нобелова награда за неговата работа, кој се смета за еден од највлијателните книжевници на своето време. Организатори на протестот се неколку националистички бугарски здруженија и патриотски организации, како „Национално будење“, „Млади за Бугарија“ и „Куберови Ратници“…, кои истакнаа дека текстот ја искривува нивната историја и ги навредува достоинството и споменот на нивните народни херои. Премиерата сепак беше изведена на 7 ноември – годишнината од битките кај Сливница, кои Иван Вазов, патронот на Народниот театар, ги овековечи во поемата „Новите гробишта над Сливница“.
Но што е она во текстот на Шо што ги возбуди и вознемири нашите соседи?
Драмата „Оружјето и човекот“, на светски познатиот ирски драматург Бернард Шо, првпат е поставена во 1894 година во театарот „Авенија“ во Лондон. Ова е една од најчесто поставуваните комедии на нобеловецот. Преку јазикот на комедијата, текстот има цел да ги исмее јавните чувства што ја величаат војната, прикажувајќи ги нивните внатрешни противречности и прекумерната романтизација. Критичарите ја опишуваат претставата „Оружје и човек“ како антивоена и антиромантична комедија.
Првично, ликовите, како и околината во претставата се условени, но во потрагата по реалистичен звук, Бернард Шо, советуван од пријателите, решил опишаните врски и настани да ги стави во контекст на тогаш завршената Српско-бугарска војна на Балканот. Така, по завршувањето на битката кај Сливница во 1885 година, домот на офицерот Петков во гратчето кај Драгоман во Бугарија станува место на дејствието. Заплетот е базиран на битката кај Сливница за време на Српско-бугарската војна во 1885 година. Шо ги опишува Бугарите на не многу ласкав начин – како луѓе што се капат еднаш во животот и не читаат, што предизвика многу негативни реакции во Бугарија. Драмата исто така ги прикажува бугарските војници како кукавици и недостојни, а Бугарите како нечисти и диви.
Многу од ликовите во претставата се Бугари, а некои од нив се прикажани во комично светло. Главниот лик, Рајна, на пример, има романтична претстава за војниците и војната воопшто, но подоцна таа илузија е разбиена.
Во еден дел од драмата, еден од ликовите вели: „Овие нови обичаи не се добри. Сето тоа миење не е добро за здравјето, не е природно. Во Пловдив имаше еден Англичанец што секое утро штом стануваше се миеше со ладна вода. Одвратно! Сето ова доаѓа од Англичаните: нивната клима ги прави толку валкани што мора постојано да се мијат. Погледнете го татко ми! Не се капеше цел живот, а доживеа 98 години – беше најздравиот човек во Бугарија. Немам проблем со миење еднаш неделно заради другите, но секој ден е смешно“…
Според објаснувањето на Малкович, пак, за култната драма на Шо, стара повеќе од 120 години, дело на ирски нобеловец, која денес стана закана за националната гордост на Бугарија, „тој само сака да изведе добра претстава“ и додаде дека последниот пат кога од него било побарано да го цензурира текстот, тој едноставно одбил изведба. Според него, текстот „Оружјето и човекот“ е смешен и трогателен, а ликовите се доста експресивни, интелигентни и комични. В.Д.