Минатата недела на големата сцена „Благој Стефановски Баге“ во Народниот театар во Битола се одржа 34. издание на интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“. На првата фестивалска вечер, по минатогодишната пауза, пред љубителите на класичната музика се обрати уметничката директорка на „Интерфест“, Милица Шперовиќ–Рибарски.
– Публиката имаше можност да ја проследи изведбата на едно од најмоќните дела на 20 век – „Катули Кармина“ од Карл Орф, во интерпретација на НУ Камерен оркестар на Битола. Годинава за првпат се направи спој на КУД „Стив Наумов“ од Битола, кој е еден од симболите на ослободувањето на Битола, хор што ја облагородува Битола, составен од луѓе што со љубов пеат во хорот. Тие настапија заедно со НУ Камерен оркестар на Битола – споделува Рибарски.
Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ е првиот и најстар македонски хор што на ослободената територија во Битола, на 4 ноември 1944, испеал македонска хорска песна. Националниот Камерен оркестар на Битола зазема сѐ позначајно место во музичкиот и културниот живот на Битола, Македонија и пошироко. Формиран во 2013 година, оркестарот од самиот почеток се постави како сериозен ансамбл со јасна концепција и визија.
– По светскиот успех на неговата легендарна „Кармина Бурана“, Карл Орф во 1943 година ја создава „Катули Кармина“, вториот дел од триптихот „Trionfi“. Делото е инспирирано од стиховите на римскиот поет Гај Валериј Катул, чија поезија е полна со страст, љубов и еротска експресија. Музиката е набиена со ритам и драматичност, со впечатлива сила на зборот и звукот, носејќи порака што и денес ја фасцинира публиката. Иако првично напишана за четирирачен клавир и голем ансамбл на ударни инструменти, оваа изведба ќе биде претставена во нова верзија адаптирана за камерен оркестар од маестро Владимир Димовски. Со тоа делото добива свежа звучна димензија, полна со нијанси и динамика, а истовремено останува верно на моќниот дух што го вгради Орф – информира Милица Шперовиќ–Рибарски.
На првата вечер како солисти настапија: Билјана Талевска (сопран) и Саша Арсенков (тенор) од Србија. Со мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ диригираше Лилјана Трајковска-Димовски.
Дел од програмата на „Интерфест“ беше и рециталот на Адмир Дочи на гитара од Албанија, кој изведе дела од Сор, Хасе, Бауер, Вивиани, Албениз и Доменикони во Офицерски дом во Битола. Во Офицерскиот дом беше поставена и изложбата „Ранко Струмениковски – цртежи, графики и гважеви“. Концерти и настани се одржаа и во државното училиште во Битола, во Заводот и музеј и во Офицерскиот дом, а имаше и ликовна изложба. Свеченото затворање беше со музички рецитал на пијано на Џанлука Луизи од Италија, а имаше и Шопенова вечер, односно беа изведени дела на Шопен.
– Џанлука Луизи се вбројува меѓу најистакнатите италијански пијанисти, високо ценет и од критиката и од публиката. Роден во Пескара, дипломирал со највисоки оценки на Конзерваториумот во Пезаро. Иако своето музичко образование го започнал на шестгодишна возраст, неговиот развој се одвивал постепено и природно, што резултирало со блескави и страсни, но секогаш ненаметливи интерпретации – споделија организаторите на „Интерфест“.
Џанлука Луизи е добитник на голем број награди на меѓународни натпревари. Настапил во престижни сали. Особено му е блиска музиката на Јохан Себастијан Бах. Меѓу другото, го изведе целосниот (двата тома) „Добро темпериран клавир“ напамет во две последователни вечери и ја сними оваа програма за „Сентаур рекордс“, со врвни критики и признанија од меѓународните медиуми. Има реализирано повеќе од дваесет и шест компакт-диска за повеќе издавачки куќи. С.Ј.