Александар Цветкоски, кустос-советник од Заводот и музеј во Прилеп, вели дека проектот е иновативен во многу аспекти
Осовременување и збогатување на постојаната поставка на Музејот за тутун во Прилеп, кој е финансиран во поголемиот дел од Министерството за култура и од Научниот институт за тутун – Прилеп, е планиран како четиригодишен проект со кој постојаната поставка ќе добие сосема поинаква презентација со цел да одговори на новите трендови во музеологијата и на барањата на посетителите. Александар Цветкоски, кустос-советник од Завод и музеј во Прилеп, вели дека проектот е иновативен во многу аспекти, но особено затоа што се изработени профилирани постаменти каде што секој експонат има свое место, а легендите се испечатени и поставени во витрините, во современ графички интерфејс. Пет витрини се преформатирани и притоа е користен исклучиво кадар на Заводот и музеј, иако вакво изложување, со профилирање на постаментите за многубројни експонати во една витрина, досега не е правено кај нас во државата. Исто така, осветлувањето во музејот е целосно сменето со поефикасно, кое троши помалку струја и нема штетни последици по експонатите, а изготвен е и проект за систем за осветлување, во случај на исклучување на струјата.
– Овој обемен проект доведе и до преформатирање и на другите витрини, во кои веќе ги внесовме експонатите набавени во рамките на овој проект, имаме 130 нови експонати, а со тоа и новите приказни. Некои од овие експонати се мошне ретки и ги има само по неколку примероци на светот, како што е колекционерскиот тутунски албум за сликички од цветови, или наргилата – ацетиленска ламба. Голем број експонати се реставрирани, залепени, реконструирани се нивни делови, а на некои беа извршени посериозни конзерваторски интервенции, и тоа на највисоко ниво, со ангажиран конзерватор–советник – вели Цветкоски.
Постои надеж дека и годинава проектот ќе биде финансиран од Министерството за култура, за да се продолжи со збогатување на постојаната поставка, а притоа пристапено е кон планирање за осовременување на локацијата на Музејот за тутун, при што ќе бидат изготвени и други проекти, како на пример за изложување на кашираните фотографии, оригиналните графики, уметничките постери и за пристап на лица со посебни и поинакви потреби.
Музејот за тутун постои 50 години, од 1973 година, а 30 години откако е отворена постојаната поставка што има над 5.000 експонати, од кои се изложени 1.600.
– Имаме околу 1.700 вредни експонати, кои не се производи на тутунската индустрија. Единствен недостаток на поставката е што немаме само неколку вида експонати, што не е многу, ако се земе целиот дијапазон на тутунски експонати што постојат. Тоа ни задава задача во иднина да најдеме начини за набавка на неколку експонати што заслужуваат место во поставката. Многу битен податок е и дека оваа поставка веќе има кредибилен заменски кустос, кој целосно самостојно ги води поставката и музејската документација – додава Цветкоски.
Годинава, кога ќе се одбележи јубилејот на Научниот институт за тутун, планирано е да се стави и поголем акцент на Музејот за тутун. Ка.М.