Изложба и симпозиум „Куќата што се распаѓа“
Меѓународна изложба и симпозиум со наслов „Куќата што се распаѓа“ се одржуваат деновиве во Музејот на Македонија, во организација на Факултетот за работи што не се учат (ФРУ), а во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“, поддржан од Европската Унија. Соработници на изложбата се: уметниците Вини Хербстајн (Глазгов/Амстердам), Филип Јовановски (Битола/Скопје), Ану Вахтра (Талин) и кураторката Ивана Васева, а соработници на симпозиумот се: Ола Хасанаин (Картум/Амстердам); Ингел Ваикла (Талин/Брисел); Феликс Мелија (Лондон); Марјока де Гриф (Амстердам); Анастасија Пандиловска (Скопје/Амстердам); Бриџит Ароп (Талин)
– Изложбата и симпозиумот „Куќата што се распаѓа“ нашироко говорат за политиките на просторот и промените во градовите во однос на интересите на различните структури на моќ, манифестирањето кон заедничкото наследство, како и идентитетот на колективноста и грижата на градовите – заедничка и меѓузависна. Изложбата е резултат на заложбите на тројца уметници – Вини Хербстајн, Филип Јовановски и Ану Вахтра, кои работат на пресекот на меморијата, архитектурата, културното наследство и формирањето на просторот, применувајќи различни уметнички стратегии за повторно да излезат на површината контекстуалните специфичности на грижата, занемарувањето и распаѓањето – велат од организацијата.
Тројцата уметници се во потрага и темелно истражуваат сега речиси невидливи или веќе непостојни јавни места во градот Скопје. Тоа понекогаш може да биде одредена зграда со специфична архитектура, која некогаш постоела, одамна исчезнала поради уривање, пожар или занемарување, може да биде место за среќавање сега загрозено поради остатоците од урбаниот раст.
– Овие места биле направени со грижа, сме ги чувствувале како наши, означувале места каде што треба да се оди, ни припаѓале на сите, во градот што беше наша куќа. Овој изложбен потфат речиси создава траекторија/кореографија на движење до исчезнати или невидливи локации среде урбаниот хаос, дури и незабележливи во секојдневниот живот (исчезнати, непрефасадирани или опколени) – се наведува во најавата.
Во „Куќата што се распаѓа“ уметниците даваат акцент на работите што се распаѓаат, без романтизација, естетизација или разубавување, туку во нивната сегашна состојба. Изложбата и симпозиумот се одвиваат во Музејот на Македонија, еден од првите музеи во земјава, кој долги години се бори за својот опстанок. Симпозиумот разоткрива поголем простор на разработка на идеите за грижа, занемарување и распаѓањето, особено во однос на архитектурата, просторната формација и односите со другите сензибилитети. В.Д.