Седумдесетгодишниот јубилеј е инспирација за нови 70 години работа, посветеност и создавање на иднината врз темелите на нашето минато

Седумдесет години Завод и музеј во Прилеп

Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп годинава одбележува 70 години од основањето.
– Овој историски момент го дочекавме со богата програма, исполнета со настани, проекти и активности што го афирмираат значењето на музејот како чувар на културното наследство, но и како современ простор за заедничко дејствување, учење и инспирација – вели директорката Мимоза Христоска.
Јубилејот започна со изложбата посветена на Ѓорѓи Ачески–Аче, а кулминира на 1 јули, со пригодна манифестација (изложба и доделување благодарници за сите што дале придонес во развојот на музејот), точно на денот кога музејот е основан во 1955 година. Под мотото „Јас, ти и музеј“, се нагласува дека музејот не е само институција, туку заеднички простор – жив, достапен, ангажиран и постојано отворен кон својата заедница. Музеј со минато, сегашност и визија.
НУ Завод и музеј – Прилеп пред седум децении изгради длабоки врски со локалната и националната културна историја. Од место на меморија, преку едукативен и истражувачки центар, до активен учесник во современи културни текови – оваа институција денес е симбол на културниот идентитет и континуитет на градот и поширокиот регион.
– Ако ме прашате што точно одбележуваме – не славиме само јубилеј туку одбележуваме една приказна. Приказна во која има сè – љубопитност, истражување, борба, неуморна работа, желба за знаење, заедништво и пред сè луѓе. Не треба да го гледаме овој музеј само како зграда, туку како срце што чука 70 години – за културата на Прилеп, за иднината на нашите деца и за спомените на оние што нè донесоа до овде. А, ако некогаш сте виделе човек што полни инвентарна книга со сјај во очите или кустос што го раскажува животот на еден предмет како да зборува за стар пријател – тогаш знаете за каков тим станува збор – потенцира Христоска.
Патот на Заводот и музеј започнал во 1955 година, во време кога било потребно визија за да се препознае вредноста на културното наследство во земја што сè уште се градела.

– Таа визија јa имал д-р Бошко Бабиќ, првиот директор на музејот. Тој не гледал на минатото како на нешто што треба да се заборави, туку како на нешто што треба да се прераскажува и оживува. Благодарение на него и на сите што дојдоа по него, музејот стана повеќе од институција. Стана дом. Дом на историјата, уметноста, сеќавањата, документите, ракописите, предметите, идеите и на сите нас што работиме овде. И денес, 70 години подоцна, ние продолжуваме по тој пат. Но не со копирање на минатото, туку со градење на иднината, со дигитални алатки, современи изложби, едукативни програми, нови изданија, реновирања и нови концепти. Затоа и мотото на нашиот јубилеј не е случајно: Јас, ти, музејот“. Три збора што потсетуваат дека музејот не е нешто оддалечено или тивко туку дел од нас. „Јас“ – како индивидуалец што учи, „ти“ – како пријател, поддржувач или посетител и „музејот“ – како простор што нè поврзува. А кога тие три агли се заедно – тогаш настанува вистинската магија на културата. Со почит се сеќаваме на сите оние што беа дел од оваа приказна и веќе не се со нас. Нивниот труд е вткаен во секој документ, секоја збирка, секој ѕид. И не само тие – тука се и нивните семејства. Им благодарам на сите што беа и што се тука и го чуваат тоа сеќавање А, денес, денес институцијата ја движи еден тим што не е само „вработен кадар“ туку вистинска алхемија на знаење, страст и љубопитност: археолози, историчари, етнолози, уметнички историчари, конзерватори, библиотекари, архивари, правници, економисти, фотографи, техничари, возачи, администрација… Секој со своја приказна, секој со своја улога, но сите со иста цел – да го направат музејот жив, достапен, отворен, модерен и значаен. Да бидеме искрени, не е секогаш лесно. Музејската работа значи и многу кафе, голема доза на прашина, авантури со документација и, честопати, драма околу осветлувањето на експонат! Но токму во тие мали борби живее нашата голема мисија. Работиме секојдневно – со младите, со училиштата, со заедницата. Создаваме проекти што се отворени за волонтери, за уметници, за туристи. Не се плашиме од новото туку, напротив, го прегрнуваме. И ако нешто треба да остане како порака, тоа е следново: Културата не е трошок. Таа е иднина. Историјата не е товар. Таа е патоказ. Музејот не е простор. Тој е приказна – потенцира Мимоза Христоска, директоркa на Заводот и музеј – Прилеп, објаснувајќи дека јубилејот не е само прослава туку и поттик за нова етапа – со уште поголема одговорност кон зачувувањето и споделувањето на културното богатство.