По огромниот интерес што го предизвика уникатниот мултимедијален проект „Керамикум во мермер“ на академскиот скулптор Емил Солески во Заливот на Коските – Охрид, денеска, во 12.30 часот, проектот ќе биде поставен во Музејот на Македонија. Овој мултимедијален проект ја има во фокус куќата желбеник како трансцедентен објект на субјективното доживување.
– Желбениците се создавани во едно време-невреме кога почнав да фантазирам за едно време, а можеби и невреме, можеби, велам оти е изгубена од хоризонтот, но никако изгубена од видокругот на археолозите. Керамикум, неолит, младо камено време, време на куќата како место во кое се концентрира и генерира нуклеусот на едно семејство и претставува центар во кој се дефинираат голем број вредности, тенденции и принципи – вели Солески за изложбата.
Солески својот интерес го насочил кон периодот на неолитот или младата камена доба, и тоа на неколку неолитски локалитети во Македонија: Барутница, Церје, Велушка Тумба, Заливот на Коските и Врбјанска Чука.
– Неговото истражување не е насочено кон пронаоѓање артефакти од овој период, туку напротив, преку неговиот ликовен израз на скулптурите да се пробие во духот на неолитот, во неговите културолошки достигнувања, целејќи притоа на континуитетот на цивилизацискиот развој на овие простори. Куќата е центарот на вниманието.
Камените скулптури ја доближуваат нејзината есенцијална природа во живеењето на неолитскиот човек. Симболот на Големата мајка, кој доминира во секоја од посочените скулптури е елементот што го поврзува внатрешниот со надворешниот свет – вели Никола Јованоски за делата на Солески, кој студирал на Факултет за ликовни уметности – Скопје, отсек вајарство, во класата на Бранко Конески, со конзервација и реставрација кај Благоја Кузмановски и дипломирал во 2002 под менторство на Жарко Башески.