Тања Балаќ со изложба во Меѓународниот град на уметностите во Париз

Видеопроекција и уметничка инсталација од нашата реномирана мултимедијална уметница Тања Балаќ се одржа во Меѓународниот град на уметностите (Cité internationale des arts) во Париз. Поставката, како и престојот на Балаќ во Париз, е резултат од добивање на годинашното гран при што уметницата го доби на Зимскиот салон што го организира Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Вљубеници во уметноста, пријатели на авторката и уметници се собраа во отвореното студио во кое Балаќ го претстави проектот „Тие не ги отвораат очите“, кој се состои од видеопроекција на експерименталниот филм „Некст џенерејшн“ и инсталација. Проектот веќе бил поставен во Скопје и добил неколку награди.
– Резиденцијата подразбира и отворено студио, каде што сите резиденти уметници од целиот свет имаат можност за себепретставување, така што имав можност да се запознаам со многу колеги автори од повеќе земји, како Уругвај, Аргентина, Мадагаскар, Финска, Бразил, Иран, кои развиваат многу различни уметнички концепти и соработки во перформансот, поезијата, музиката и видеоуметноста. Имав можност да присуствувам на многу квалитетни изложби во рамките на престојот. Исто така голема е можноста за вмрежување и размена на искуства со автори од целиот свет и тоа е можеби најголемата придобивка од ова искуство – вели Балаќ.
Тоа што Македонија поседува мало катче во Меѓународниот град на уметностите, каде што престојувале и престојуваат многу наши ликовни творци, е важно за Балаќ, бидејќи собраното искуство отвора натамошни соработки со меѓународни уметници. Македонското ателје во Париз е основано во далечната 1965 година. Во 2002 година Министерството за култура потпиша договор за соработка со организацијата на Меѓународниот град на уметностите за следните 60 години, со што продолжува континуираниот престој на македонските уметници во француската престолнина. Таму функционираат повеќе од 300 ателјеа, главно сместени во центарот на градот, а мал дел на Монмартр. Тие се целосно опремени за повеќемесечен престој и секогаш се полни со уметници од целиот свет. Сите тие престои се поддржани од државата од која доаѓа уметникот. Уште од основањето голем број реномирани уметници од целиот свет учествуваат во програмите, кои поттикнуваат меѓукултурен дијалог и обезбедуваат место каде што уметниците можат да остварат професионални контакти. Од 2002 година, над 90 етаблирани, но и млади уметници од Македонија имаат реализирано престој во ателјето. Престојот во Париз на еден ликовен или музички уметник е од големо значење за нашата држава и е драгоцена можност за промоција и афирмација на репродуктивни македонски уметници и на нивното творештво во меѓународни рамки.
Годинава престој остварува Тања Балаќ, која во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство, а во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на ДЛУМ од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство и со учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Балаќ остварила повеќе самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувала и на многу групни претставувања. В.Д.