Денеска, со почеток во 18.30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи отворањето на ликовната изложба со наслов „Моменти“ на младата ликовна уметница Марта Патлиџанковска. Изложбата е составена од сликарски платна во голем формат, настанати во последните две години.
– Во таа потрага по создавање индивидуален ликовен исказ, Патлиџанковска се претставува со ликовни решенија, платна со големи димензии, работени во комбинирани техники, во кои доминира експресијата на бојата. Бојата ја има главната улога и ја создава линеарната и формалната структура на делото. Авторката не се плаши целото платно да го обои со силна колористичка палета, поставена во контрастни соодноси на црвената, сината, жолтата боја, магентата, и да покаже жестокост и импулсивност во изразот… Што се однесува до тематската преокупација, Патлиџанковска ја издвојува мачката како главен мотив речиси во сите нејзини дела. Уште од Стар Египет, каде што претставата на мачка се сметала за божество, па до денес, таа е присутна во делото на многу уметници. Патлиџанковска ја слика од своја перспектива – со нагласено спирални и искричави очи, во која се испреплетуваат елементи на симболичност и метафоричност. Самите дела нѐ наведуваат на размислата дека ова суштество авторката го поистоветува со луѓето и нивните различни доживувања и психолошки состојби. Но, без оглед дали делата имаат емоционална обоеност или не, од изборот на актуелната продукција можеме да констатираме дека Марта Патлиџанковска е уметница што е целосно фасцинирана од феноменот на бојата и токму преку неа се обидува да нѐ внесе во својот сликарски универзум – се наведува во најавата.
Марта Патлиџанковска (1999 г.), во септември 2022 дипломира на Факултетот за ликовни уметности на сликарство, насока реставрација и конзервација во класата на Жанета Вангели. Веднаш по дипломирањето станува членка на ДЛУМ.