По премиерата на „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“

Сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“, чија премиера се случи непосредно пред Нова година, по повод 80 години од постоењето на Македонскиот народен театар, во режија на неприкосновениот Дејан Пројковски и со моќната, автентична авторска музика на Горан Трајкоски, беше моќна слика на целокупната македонска култура и идентитет. На сцената оживеаја македонскиот збор, поезија, драма, ликовна уметност, театар… раскажувајќи ја осумдецениската приказна на МНТ. Музичката приказна, проткаена со мотиви од делата на книжевните великани: Прличев, Чернодрински, Крле, Дуковски, Стефановски, Конески, Рацин, Миладиновци, Цепенков, Чинго…, го оживеа богатото и неисцрпно македонско културно наследство преку впечатливата сценографија на Валентин Светозарев и врвните костими на Марија Пупучевска и со, секако, одличната актерска игра на безмалку целиот ансамбл на МНТ: Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Тони Михајловски, Владо Јовановски, Снежана Коневски-Руси, Александар Шехтански, Кирил Андоновски, Томе Витанов, Нино Леви, Искра Ветерова, Сенко Велинов, Дарја Ризова, Тања Кочовска, Никола Ристановски…, како и со нашите најуспешни оперски солисти, Ана и Игор Дурловски.
Претставата е спој на минатото и сегашноста преку клучните вредности на МНТ – љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите оние професионалци зад кулисите задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ.
Сценскиот перформанс беше инспириран од сето она што е важно, амблематично и препознатливо за Македонскиот народен театар, за македонската култура и традиција и за Македонија, воопшто – големо патување низ националната драма и сите основоположници на македонската драма и литература. На сцената видовме сценски слики што се значајни за нашиот идентитет, преку кои создаваме мозаик од музика, поезија, приказни, кои го направиле МНТ столб и чувар на нашата култура и традиција.