Диме Ратајкоски, новинар, сценарист, документарист

Диме Ратајкоски е новинар, уредник и сценарист во Македонската радио-телевизија, автор на голем број документарни филмови, телевизиски емисии и репортажи, кои ги истражуваат историјата, културната меморија, уметноста и современите општествени процеси. Бил главен и одговорен уредник на МТВ1, во 2016 година ја реализира изложбата „Животот во војна: Велушина 1917“, со фотографии од Македонскиот фронт во Првата светска војна, а заедно со Душко Апостолоски е автор на изложбата „Лица на револуцијата“, поставена во МАНУ, 2023 година, со оригинални фотографии од илинденскиот период, по повод 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО. Во моментов е директор на Македонскиот културен центар во Истанбул, Република Турција, и советник за култура при Амбасадата на Македонија во Анкара.

Што Ве инспирираше да ја создадете изложбата „Лица на револуцијата“ и што сакате да понесе посетителот како главна порака?
– Изложбата произлезе од мојата долготрајна опсесија со старата фотографија. Ме интересира мигот кога фотографијата од визуелен запис станува документ, а потоа се ослободува и од таа улога, престанува да сведочи само за настан и почнува да зборува како лице. Погледи што се свртени кон нас, но и кон времето од кое е и кое сè уште го носи во себе. Во тие лица, покрај интересот за херојството како мит, фокусот го пренасочувам кон човекот зад него, личноста, тишината, сомнежот, тежината на изборот. Оваа изложба е резултат на дијалог меѓу две приватни колекции на стара фотографија, мојата и на колекционерот Душко Апостолоски. Нашата соработка произлезе од потребата овие фотографии да излезат од фиоките, правливите тавани и архивите и повторно да започнат да комуницираат со јавноста, надвор од тесниот историски или колекционерски контекст. По своето прво отворање во галеријата на МАНУ во септември 2023 година, „Лица на револуцијата“ продолжи да живее како патувачка изложба. Таа и понатаму се движи надвор од границите на Македонија, носејќи ги своите „револуционерни погледи“ во нови културни и историски простори, каде што секоја средба со публиката ѝ додава нов слој значење и ново читање. А она што би сакал да го понесе посетителот со себе е чувство на лична средба. Да излезе од изложбата со прашање, а не со одговор. Ако барем еден поглед од овие фотографии продолжи да го следи посетителот и по напуштањето на просторот, тогаш изложбата ја исполнила својата смисла.

Кога и како почна Вашата страст за собирање фотографии и документи поврзани со македонското револуционерно движење?
– Мојата страст започна уште со најраната историска едукација, од моментот кога сфатив дека текстот сам по себе не ми е доволен. Инстинктивно барав лице, поглед, трага, визуелна потврда дека луѓето и настаните за кои учиме навистина постоеле. Во 1990-тите, таквата визуализација беше ограничена и ретка, речиси недостапна, за разлика од денешното време на отворени архиви и дигитални бази. Токму таа празнина, која ја чувствував уште во студентските денови, се совпадна со појавата на првите онлајн платформи за трговија и ја разбуди мојата страст за собирање и за зачувување на визуелната меморија. Колекционерството за мене никогаш не е насочено исклучиво кон револуционерното движење, туку кон фотографијата во Македонија како медиум воопшто, како простор каде што историјата, секојдневието и личните судбини се вкрстуваат. И оттука се разбуди потребата да се собира, да се зачува и повторно да се гледа историјата. Затоа што без визуализација, историјата лесно станува апстракција, а токму сликата, односно фотографијата, ја враќа нејзината човечка димензија, ѝ дава плот и поглед и ѝ обезбедува чувство на вистинитост и трајност.

Кој е најран спомен или предмет што Ве натера да продолжите со собирањето?
– Тоа беше еден солунски портрет на непознат солунец. На прв поглед анонимен, но токму преку него се открија фотостудиото на ерменскиот фотограф Пол Зебџи и цел еден свет на тивок балкански романтизам. Во таа фотографија се сретнаа „ала турка“ и „ала франга“, Истокот и Западот, традицијата и модерноста, т.е. тоа беше јасен пример како една лична, речиси незабележлива судбина може да го открие духот на едно време и еден град. Од тој момент, фотографиите на Зебџи станаа моја посебна пасија, со надеж дека еден ден неговото дело ќе го отворам пред јавноста во целост, како темелен столб на камера македоника (Camera Macedonica).

Како ги балансирате личните интереси како колекционер и историската одговорност кон јавноста?
– Личниот интерес секогаш е почетната искра, но историската одговорност е она што ѝ дава смисла на колекцијата. Колекционерството, ако остане затворено во приватноста, лесно може да се претвори во сопственост. Aко, пак, се отвори кон јавноста, станува чин на доверба. Јас се обидувам да го најдам тој баланс така што не ги доживувам фотографиите како нешто што ми припаѓа мене, туку како нешто што привремено ми е доверено. Мојата улога е да посредувам меѓу предметот и погледот на другите, меѓу минатото и сегашноста. Во тој простор, личната страст се дисциплинира од одговорноста, а одговорноста се оживува преку страста. Само така колекцијата може да престане да биде збир на предмети и да стане живо сеќавање споделено со заедницата.

Од каде најчесто доаѓаат фотографиите – приватни семејства, локални архиви, други колекционери?
– Фотографиите доаѓаат од различни насоки, но секогаш од истиот извор, кој го нарекувам „движење на меморијата“. Дел пристигнуваат од соседните земји, многу помалку од македонскиот пазар, дел преку приватни канали со други колекционери, а дел од аукциски куќи каде што личните приказни привремено стануваат предмети. За мене, нивното македонско потекло е поважно, исто како и нивното патување или начинот на кој тие се враќаат назад во културниот простор од кој произлегле.

Дали размислувате за долгорочно сместување на колекцијата во јавен архив или во музеј?
– Ова навистина е суштинско прашање и за мене претставува долгорочна визија, а не само лична желба. За жал, во Македонија сè уште не постои специјализирана институција што систематски се занимава со фотографијата како автономен историски и културен медиум. Таа празнина не е само институционална туку и мемориска. Мојата цел не е колекцијата да заврши како затворена целина, туку да придонесе кон иницирање поширок процес т.е. отворање музеј на фотографијата, место каде што визуелната историја би се собирала, би се истражувала и јавно би се толкувала со соодветни професионални стандарди на заштита. Во тој контекст, мојата колекција ја гледам како потенцијален темел, а не како крајна цел. Крајната и најодржлива форма, со текот на времето, би била оформување посебен фонд во рамките на Државниот архив, доколку не се избориме за музеј, каде што фотографијата би била трајно заштитена, стручно обработена и достапна за истражувачите и јавноста. Само преку таков институционален континуитет колекционерството може да прерасне во вистинско културно наследство. Морам да потенцирам дека во отсуство на специјализирана институционална рамка, собирањето, архивирањето и изложувањето на оригиналната фотографија во моментов во голема мера се потпира на ентузијазмот, посветеноста и личната одговорност на поединци.

Кои се Вашите следни чекори – нови изложби, публикации, дигитална база?
– Следните чекори ги гледам како природно продолжение на веќе започнатиот дијалог на фотографијата со историјата. Во моментов е во подготовка новата изложба „Револуција во кадар“, во која јас и Душко Апостолоски ќе откриеме и ќе презентираме нови досега непознати фотографски бисери од македонската историја. Оваа изложба нема да биде повторување, туку продлабочување, т.е. обид да се прошири визуелниот јазик на револуцијата и да се внесе ново читање. Паралелно со изложбениот процес, размислуваме и за неговата трајност. Затоа, како логичен следен чекор, овие две изложби би се инкорпорирале во една луксузна фотомонографија, која би ги обединила сликите, контекстите и истражувањата во еден заокружен визуелен архив. Таа публикација ја замислувам како долготраен простор на сеќавање, место каде што фотографијата ќе продолжи да зборува и надвор од изложбениот ѕид.

Дали планирате соработки со универзитети, музеи или со меѓународни архиви?
– Да, соработките со академски и институционални средини се суштински дел од мојата работа и природно продолжение на изложбените проекти. Материјалот од двете изложби претставува силна појдовна база за научни и стручни истражувања од областа на старата фотографија, особено во контекст на македонската историја. Еден таков научен текст веќе беше презентиран на меѓународен симпозиум во Пула, Република Хрватска, каде што во моментов се наоѓа изложбата „Лица на револуцијата“. Текстот го фокусирам на фотографијата во рамките на македонското револуционерно движење во периодот 1893-1934 година, како специфичен визуелен и идеолошки јазик на времето. Во текот на оваа година подготвувам и серија предавања на истата тема на неколку универзитети во Македонија и во Република Турција, со цел овој материјал да се внесе во академски контекст и да се отвори за нови интерпретации. Музеите, пак, ги сметам за најсоодветен простор за презентација на ваков тип материјал, со надеж дека новата изложба ќе добие и адекватна музејска поставка, која ќе овозможи подлабоко читање и долготрајна видливост. Паралелно со тоа, во моментов сум интензивно вклучен во истражување на фотоархивата на Државниот архив на Турција – Османскиот архив, каде што ја проучувам фотографијата на територијата на османлиска Македонија. Тој процес го доживувам како отворање нови архивски слоеви, кои во иднина можат да прераснат во нови изложби, публикации и меѓународни соработки.

Како ја замислувате улогата на Вашата колекција во образованието на младите?
– Ја замислувам колекцијата како визуелен мост меѓу младите и историјата. Во образовниот процес, учебниците и книгите често ја пренесуваат историјата како низа од факти и датуми, но без соодветна визуелна поткрепа и јасна приказна, таа останува апстрактна и тешко допирлива. Фотографијата, напротив, внесува лице, простор и момент, овозможувајќи младите да воспостават личен и емотивен однос со минатото. Визуелното прикажување на историјата е важно затоа што ја активира меморијата на поинаков начин, не само преку читање туку и преку гледање и препознавање. Тоа ја развива критичката перцепција, ги учи младите да читаат слики како историски извори и да разберат дека историјата не е фиксиран наратив, туку жива конструкција составена од човечки искуства. Би бил исклучително среќен доколку мојата работа, долгорочниот труд и активноста на социјалните мрежи поттикнат и придонесат кон институционализација на фотографијата како образовна и културна алатка и кон нејзино крајно посериозно и системско вклучување во наставните и јавните институции.

Што би им порачале на младите истражувачи и колекционери што сакаат да почнат слична работа?
– Би им порачал пред сѐ да бидат трпеливи и одговорни, затоа што колекционерството не е хоби што се гради брзо, ниту лесно. Тоа бара време, истражување и сериозни финансиски вложувања, кои кај нас најчесто паѓаат исклучиво на товар на поединецот. Во таа смисла, со колекционерство реално можат да се занимаваат само оние што се подготвени долгорочно да вложуваат сопствени средства, без гаранција за институционална поддршка или јавна видливост. Токму тука државата најчесто потфрла, т.е. не во декларативната поддршка на културата, туку во отсуството на системски механизми што би ги препознале, би ги поддржале и би ги заштитиле ваквите приватни иницијативи. Недостигаат фондови за откуп, стручна поддршка, јасни политики за соработка меѓу институциите и независните истражувачи, како и визија за долгорочно архивирање на визуелното наследство. Затоа, на младите истражувачи би им рекол да не ја мешаат страста со романтика. Таа мора да биде придружена со дисциплина, критичка свест и јасна претстава за реалноста во која работат. Но истовремено, токму нивната истрајност и автономна работа можат да бидат притисок што со време ќе ја натера државата да ја преземе улогата што ѝ припаѓа, да биде партнер, а не отсутен набљудувач во зачувувањето на колективната меморија. Токму затоа денес колекционерите во Македонија се бројат на прсти. Не поради недостиг од интерес или љубов кон минатото туку затоа што ова е пат што го избираат малкумина, најчесто сами и без потпора. „Заштитници на сеќавањето“, би рекол, на нешто што е истовремено кревко и скапо за одржување, но кое, и покрај сè, би било многу посиромашно без нашата упорност и посветеност.