Македонскиот народен театар (МНТ), најстарата национална професионална театарска институција и темел на културата на Македонија, ја испишува сопствената историја, а од 31 јануари и достојно ќе го одбележи јубилејот – 80 години.
– Чуварот на културните и традиционалните вредности низ годините преку репертоарската програма ги чува и ги негува театарскиот јазик и идентитет. По формирањето и натамошното постоење, поминува низ разни периоди: создавање и негување на ансамблот и на публиката, на творци што ќе учествуваат во обликувањето на претставите, одржување на репертоарот и гостувања во и од светот. Создава место на европската и светската мапа преку поставување дела од севкупната класична и современа драматургија, но и преку постојано ангажирање светски реномирани режисери. МНТ се стреми кон ширење на театарската уметност во јавноста, пред сѐ насочена кон публиката, нивна анимација и едукативно театарско будење, како и приближување до младината за активно размислување на темата култура и театар – велат од институцијата.
Во име на јубилејот, долгогодишниот соработник на МНТ, Зоран Кардула, направи голема чест за најголемата театарска куќа во нашата земја и со својот препознатлив дизајнерски печат го создаде логото „80 години Македонски народен театар“.
– Сите ние и секоја следна генерација сонуваме, мечтаеме кон патувањето и создавањето нови креативни светови – велат од МНТ.