Директорот на Македонскиот народен театар (МНТ), Никола Кимовски, и еминентниот режисер Дејан Пројковски се во официјална посета во Унгарија, по повод потпишувањето на меморандумот за соработка со еден од најголемите и најзначајни театри во Европа – Националниот театар од Будимпешта.
Со овој договор театрите стануваат партнери што ќе реализираат заеднички проекти и размена на претстави. Договорот вклучува реализирање и размена на претстави, уметници и идеи, како и зајакнување на соработката за нови театарски проекти. Во рамките на оваа соработка двете институции ќе организираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има цел да ги зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји. Посебен акцент е ставен на поддршката на младите театарски уметници.
Со потпишувањето на оваа значајна соработка се поставува основа за заедничка работа и унапредување на културната размена, преку која ќе се создадат услови за продлабочување на соработката меѓу нашите две театарски институции. Една од главните заложби ќе бидат и заедничките европски проекти, со цел преку нашата работа да создадеме нови естетски вредности и креативни искуства.
Како што истакна директорот Никола Кимовски, веќе се договорени гостувања на МНТ во Будимпешта и гостување на Националниот театар во Скопје. Исто така, тој истакна дека по повод јубилејот „80 години МНТ“, гостин ќе биде директорот на Националниот театар, Атила Видњански, со неговите најблиски соработници.