МКЦ го најавува 48-то издание на Млад отворен театар – МОТ, од 8 до 18 ноември, со вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас предавања.

Фестивалот се отвора со домашна продукција – претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Од италијанскиот хуманизам, следниот ден на сцена го гледаме рускиот реализам, „Браќа Карамазови“, претстава со која режисерот Оливер Фрљиќ, по девет години се враќа на сцената на „Загребско казалиште младих“ – ЗКМ. Претставата е работена во два дела, како две засебни претстави, заедно заокружувајќи се во една претстава. Па така, публиката ќе има можност да одбере дали ќе го гледа првиот, вториот или двата дела.

Достоевски е мотив и за крајот на вечерните театарски продукции, каде што ќе го погледнеме „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад, Србија.

МОТ ја продолжува минатогодишната иницијатива за поддршка и промоција на домашната независна сцена.


– И оваа година МОТ ја доделува наградата БИШ, иницијатива која ја започнавме минатата година, како дел од нашите заложби за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена. На отворениот повик се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави тричлено меѓународно жири –  информира Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.

Како дел од ова програма, премиерата ќе има и претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандек, а во копродукција меѓу минатогодишните добитници на наградата БИШ 2022 Артопиа и Хибрид.

Пред скопската публика ќе биде прикажана и претставата „Геа“ во продукција на ErosAntEros од Италија, меѓународна копродукција во која учествува и МКЦ/МОТ фестивалот, а која е реализирана како најдобар проект на EFFEA програмата за 2023 година. Во рамките на официјалната програма се уште и продукции од Естонија, Словенија, Германија, Чешка, Турција и Македонија.

При крајот на фестивалот, како потсетување на сцената во Железничката зграда во Скопје, ќе биде претставен перформансот/инсталацијата „Градот како сцена II – приказна за шетачот“, како продолжение на истражувањето претставено во рамки на националниот павилјон на Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор во 2023 година. По овогодишното претставување, кое партнерски го реализираа ФРУ и МОТ фестивалот, во рамките на оваа тридневна програма гости се и водечките лица на Прашкото квардинале.

„Скриената улога на продуцентот“ е насловот на мастеркласот што ќе го одржи Душан Пернат, долгогодишен продуцентот и менаџер за турнеи на Словенско младинско гледалишче од Љубљана. Придружната програма е збогатена и со промоција на монографијата за Коле Чашуле на проф. Ана Стојановска, работилница на режисерот Мираз Метин, а во соработка со Локомотива од Скопје ќе биде реализирана и дискусија – кураторски разговори „Институција која недостасува/Дијалог кој недостасува“

Дизајн на постерот на фестивалот е Бабак Сафари – графички дизајнер од Иран.

Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната страна на фестивалот mot.mk, а билетите можат да се набават преку билет сервисот на МКЦ bileti.mkc.mk.

Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура (3.900.000 денари), Градот Скопје (650.000 денари), а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави, за достојно одбележување на фестивалот обезбедени се дополнителни 2.300.000 денари.

Тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите, за што ќе добиете навремена информација.