Книгоиздавателството „Панили“ објави нова книга од еден од најдаровитите и најсестрани македонски автори, Паскал Гилевски. Насловена „Мит и стварност“, книгата е сублимат и синтеза на неговото шестдецениско творечко – преведувачко и критичарско искуство и претставува значаен влог и за есеистиката и критиката во Македонија, воспоставувајќи толкувачки координати со книжевни великани на кои Гилевски претходно им има посветено големо внимание проучувајќи го нивното творештво.
– Како ретко даровит автор, Паскал Гилевски во своите младешки години особено внимание ќе посвети на изучување на грчкиот, унгарскиот и францускиот јазик. Таа негова опседнатост во изминативе шеесет години творечка дејност ќе придонесе денес во негов превод на македонски јазик да ги имаме делата на големите француски писатели Оноре де Балзак, Ромен Ролан, Теодор Готје, Виктор Иго, Франсоа Вијон и Алберт Ками, потоа на грчките класици Сеферис, Казанѕакис, Јанис Рицос, Рита Буми Папа, како и антологиските унгарски писатели Шандор Петефи, Ендре Ади, Шандор Вереш, Ференц Јухас и многу други. Во еден дел, книгата „Мит и стварност“ е резултат токму на неговата темелита посветеност на творечките опуси на овие автори – вели издавачот.
Во посебно поглавје од книгата „Мит и стварност“, Гилевски инспиративно пишува за култната поема „Сердарот“ од Григор Прличев, за романите „Уткини соседи“ од Божин Павловски, „Црна билка“ од Ташко Георгиевски, „Зора зад аголот“ од Димитар Солев и др.
– Паскал Гилевски е пасиониран вљубеник и одличен познавач на творештвото на овие автори. Преводите на делата на големите светски писатели, тој ги проследува со критичко-есеистички толкувања. Благодарение на неговата преведувачка дејност, како и неговата упатеност во литературата, тој ја создал книгата „Мит и стварност“, која ќе заземе посебно место во областа на критиката и есеистиката. Всушност, „Мит и стварност“ е дело на голем зналец, исклучително упатен писател во француската, грчката, унгарската и во македонската литература – пишува Иван Антоновски.
Паскал Гилевски (1939, Сетома, Егејска Македонија) е раскажувач, романсиер, поет, есеист, критичар и преведувач.