Давор Јанкулоски, научен истражувач од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика
Кои се целите на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ и што го прави уникатен во лингвистичката наука?
– Се истражува улогата на факторот простор во развитокот и во функционирањето на јазикот, т.е. откривањето како реалниот простор влијае врз еволуцијата на човековиот јазик, со што се дефинираат задачите на ареалната лингвистика. Појдовна точка во нашите истражувања се македонскиот јазик и сето она што му се случувало во текот на историските процеси, како и сето она што довело до состојба тој денес да се квалификува не само како „словенски“ туку и како „балкански“ јазик. Ваквите истражувања водат кон остварување на целите и задачите на центарот, а тоа е попрецизно определување на местото на македонскиот јазик и на неговите дијалекти во словенскиот и во балканскиот јазичен свет.
Како мисијата на Кирил и Методиј влијаела врз развојот на јазичните традиции на словенскиот и балканскиот простор?
– Работата на Кирил и Методиј ја одиграла клучната улога во развојот на писмената традиција во словенскиот јазичен свет. Преку создавањето на глаголицата – првата словенска азбука – и преведувањето на богослужбените книги на старословенски јазик, се поставени темелите на словенската писменост. Клучниот настан е Моравската мисија, која покрај верски и културно-образовен, имала и дипломатски карактер со цел приближување на Византиската Империја кон Централна Европа. Во однос на македонскиот јазик, нивната дејност има посебно значење. Прво, старословенскиот, првиот стандардизиран словенски јазик, како наддијалектен модел е заснован на југоисточните македонски говори од околината на Солун. Второ, продолжувањето на кирилометодиевската мисија преку нивните ученици на балканскиот простор дало основа за јазичен и културен континуитет што во голема мера ќе придонесе во формирањето на јужнословенските писмени традиции, следствено и на македонската.
Пред скоро го обновивте веб-порталот „Дигитални ресурси на македонскиот јазик“. Што содржи оваа база?
– Тоа е централизирана дигитална платформа што обединува значителен број лингвистички ресурси поврзани со македонскиот јазик. Дигитализацијата на лингвистички материјали во центарот е започната уште во 2008 по иницијатива на акад. Марјан Марковиќ, најпрво со дигитализација на стари и ретки книги посветени на македонскиот јазик и нивно поставување на интернет. Денес оваа база содржи стотина монографии и зборници, поврзани со македонскиот стандарден и дијалектен јазик, збирки на стари текстови, дигитални карти со текстуални записи, аудиоснимки од македонските дијалекти. Базата континуирано се збогатува, а од нејзиното објавување до денес пристапиле повеќе од 60.000 корисници. Достапноста на овие материјали не само што ја олеснува работата на истражувачите преку брз, систематизиран и сеопфатен пристап до обемни лингвистички податоци туку и овозможува афирмација на македонскиот јазик во пошироки културни и научни рамки и пренесување на овој дел од македонското нематеријално културно наследство на идните генерации. Придонесот кон дигитализацијата на јазичното и, воопшто, на културното наследство го гледам како суштински чекор за поттикнување на неговото понатамошно проучување.
Каква е важноста на создавањето библиографија на македонскиот јазик и како тоа ќе придонесе за понатамошниот развој на лингвистичките студии?
– Библиографијата е основен ресурс во една научна област, бидејќи овозможува систематски преглед на постојните истражувања, го олеснува пристапот до релевантна литература и го трасира патот за нови истражувања. Важноста за создавање библиографија на македонскиот јазик ја согледува професорот Божидар Видоески уште во средината на минатиот век, кој во 1953 година го објавува изданието „Прилог кон библиографијата на македонскиот јазик“ како прва позиција во серијата посебни изданија на Институтот за македонски јазик. Ова издание содржи податоци за речиси илјада библиографски единици, кои се однесуваат на јазични студии, статии, белешки, речници и речнички прилози, како и разни записи од постаро време што имаат извесна важност за историјата на македонскиот јазик. Потоа, во издание на МАНУ, објавени се уште три прилога кон библиографијата на македонскиот јазик, кои се однесуваат на периодот од втората половина на 20 век до првите неколку години на 21 век.
Дали имате соработка со странските институции и лингвистички организации?
– Истражувачкиот центар за ареална лингвистика веќе има воспоставено соработка со десетина странски институти и центри. Од нив ќе ја издвојам активната соработка со Словенско-евроазискиот центар при Универзитетот „Хокаидo“, а како резултат на тоа лани одржав две предавања во Јапонија, на Универзитетот „Хокаидо“ и на Универзитетот во Токио, а го промовирав и Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти. Исто така, бевме вклучени во проект што се однесуваше на губењето на формалните показатели на категоријата падеж во јужнословенските јазици, во организација на лингвистичкиот центар на Универзитетот во Сари, Англија.
Дел сте од групата автори на „Македонскиот дијалектен атлас“, добитник на државната награда „Гоце Делчев“… Што содржи ова дело и какво е неговото значење?
– Атласот содржи педесет карти со соодветни толкувања од различни лексички прашања, ексцерпирани од речиси четиристотини населени места на целата македонска јазична територија, а доаѓа како резултат на соработката на центарот со колегите од Одделението за дијалектологија при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Неспорно е дека ова издание претставува значаен исчекор за македонската наука за јазикот, но истовремено ја потврдува и потребата од понатамошна научна обработка на македонскиот јазик и на неговите дијалекти. Во центарот во план е изработка на дијалектен речник, т.е. речник на дијалектни синоними според материјалите на Општословенскиот лингвистички атлас. Издание од ваков тип не само што би овозможило подлабок увид во македонскaта дијалектна лексика туку и би послужило како вредна алатка за сите оние што активно работат со јазикот – авторите, преведувачите итн. Јазикот треба да црпи од богатството на дијалектите, бидејќи тие претставуваат извор на лексичка, фонетска и морфосинтаксичка разновидност.