За да го зачуваат своето „јас“, својата внатрешна состојба и душевна сила, младите читатели мора да се посветат на темелните вредности, да се вратат на книжевноста која со векови покажувала дека е столб на секое општество и на секоја култура, вели за МИА македонскиот раскажувач, романописец и драматург Блаже Миневски кој годинава ја доби наградата „BOOKSTAR“ за збирката раскази „Опаш во устата“.
Како што истакнува Миневски, без култура не може да има ни нација, а без книжевност не може да има ни култура.
Според него, во последно време премногу е доминантна т.н. лесна литеартура која ја прифатија и нашите издавачките куќи, но, сепак, евидентен е и оној почетен импулс на повторно враќање на читателите на пишаниот збор, на книгата од хартија и на вистинската литература.
Миневски, кој учествуваше на денешното Книжевно читање „За писателцките работи“ организирано во рамки на фестиавлот „Букстар“, порача дека мораме да се вратиме на вистинските книжевни вредности.
– Младите веројатно немаат трпение да читаат многу книги, но јас, доаѓајќи на овој фестивал, почнав малку и да верувам дека има читатели зашто сите настани се преполни со релативно млади луѓе, најмногу со млади луѓе кои со интерес следат. Значи, сепак има некој почетен импулс да се вратат повторно читателите на пишаниот збор, на книгата од хартија и да посветат повеќе внимание на вистинската литература зашто во последно време премногу е доминантна онаа т.н. лесна литеартура која ја прифатија и нашите издавачките куќи и почнаа да ги објавуваа таквите книги зашто најверојатно имаат финансиски ефект. Но, факт е дека мораме да се вратиме на вистинските книжевни вредности. Мислам дека овој фестивал токму тоа сака да го направи, да ги врати вистинските вредности, да ги врати читателите и со овие четири дена организаторот „Антолог“ се труди на сите можни начини да го одржува овој фестивал – изјави Миневски за МИА.
Потсети и дека книжевноста без читатели не може да функционира.
– Читателите се главни во однос на тоа културата и книжевноста да имаат некаков одек, некаква цел. Инаку, ако некој пишува, а никој тоа не го чита, тогаш нема никаква смисла и да постои книжевноста – истакна Миневски.
Фестивалот „Букстар“ се одржува 11 години и досега 10 пати наградите ги добиваа автори од Европа. Годинава првпат наградата ја доби македонски автор.
– Значењето на наградата е дотолку поголемо зашто наградата е европска, финансисрана од ЕУ и се доделува на автори од европските земји. Првпат годинава Одборот одлучи да ја додели на македонски автор. Чувството е големо зашто во Македонија како мала држава, секое проширување на кругот на признание дава простор за поширока презентација и афирмација, што, пак, претставува задоволство и дава надеж дека нешто може да се промени во однос на третманот на македонската книжевност. Во обраќањето по повод наградата кажав дека наградите се многу битни, дека добитницте се биографија на наградите и од нив зависи биографијата на наградата. Сепак, најбитно е да трае делото на оној што е награден – подвлече Миневски, додавајќи дека „Букстар“ веќе стана традиција.
На Книжевното читање „За писателцките работи“ што се одржа во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, учествуваа странските автори Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Серај Шахинер (Турција), Онджеј Штиндл (Чешка), Ахмет Умит (Турција) и Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), додека од домашните, покрај Минвески, и Александар Прокопиев, Калина Малеска, Ермис Лафазановски, Михајло Свидерски, Иван Антоновски и Дијана Петрова.
Годинашниот 11. „Букстар“ почна на 29 септември, а завршува утре со соопштување и доделување на наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик, „Драги“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.