Репатријацијата не значи само враќање во земјата туку може да станува збор за уметничко дело што се враќа кај семејствата или во гробниците на предците
Репатријацијата и реституцијата беа главната вест во светот на уметноста минатата година. Во оваа временска рамка, која првпат беше објавена и ажурирана во текот на годината во списанието „Таун енд каунтри“, документирани се информациите за репатријација во 2023 година – покривајќи украдени антиквитети како последица на воени злосторства, како и спорни археолошки наоди. Репатрираните предмети и уметнички дела можат да потекнуваат од широк спектар на извори, почнувајќи од приватни колекции до национални музеи. Покрај тоа, репатријацијата не значи само враќање во земјата, туку може да станува збор за уметничко дело што било вратено кај семејствата или во гробниците на предците.
СЕПТЕМВРИ
Музејот на уметноста во Ворчестер му ја предаде бронзената биста „Портрет на дама“ на Окружното обвинителство на Менхетн.
Њујоршката држава и федералните власти вратија 12 украдени антиквитети во Либан, вклучувајќи и три отстранети од музејот на уметноста „Метрополитен“.
Холандија објави дека ќе започне процес за враќање на десетици украдени уметнички дела од нацистите на вистинските сопственици.
Музејот на уметноста во Денвер врати пет скулптури во Камбоџа и во Бурма, откако откри дека се набавени нелегално.
Семејството на Џорџ Линдеман ѝ врати 33 антички статуи на Владата на Камбоџа.
Слика од Винсент ван Гог, украдена од холандски музеј во 2020 година, беше мистериозно вратена во торба на „Икеа“. Музејот на округот Сан Бернардино врати 1.294 претколумбиски артефакти во Мексико на церемонија за репатријација.
Историското друштво и Музејот на округот Мајами во Паола, Канзас, вратија илјада години стар артефакт во Перу.
Седум дела од Егон Шиле (вклучувајќи го „Девојка што ги облекува чевлите“) им беа вратени на наследниците на Фриц Грунбаум, кој беше убиен во концентрациониот логор „Дахау“ во 1941 година. Делата беа од Музејот на модерната уметност (MoMA), колекцијата „Роналд Лаудер“, библиотеката „Морган“, Музејот на уметноста во Санта Барбара (СБМА) и „Вали Сабарски траст“ во Менхетн.
Три хрватски музеи му ги вратија уметничките дела на внукот на Дане Рајхсман, кој беше убиен во Аушвиц. Делата ги вклучуваат „Мртва природа со шише“ од Андре Дерен и „Пејзаж покрај водата“ од Морис де Вламинк.
„Портрет на постар човек со перика и бастун“ од Годфрид Шалкен беше вратен во Националниот музеј на Полска во Варшава. Го украле Германци за време на Втората светска војна.
ОКТОМВРИ
Музејот на уметноста „Метрополитен“ иницираше враќање на два артефакта во Непал.
Свеќник, украден од палатата на островот во кралскиот парк „Лазиенки“ во Полска за време на Втората светска војна, му беше вратен на полскиот министер за култура Пјотр Глинњски од аукциската куќа „Кристи“ во Лондон.
На семејството на Фриц Грунбаум му беа вратени уште две дела на Егон Шиле: „Портрет на човек“ од музејот на уметноста „Карнеги“ и „Девојка со црна коса“ од меморијалниот уметнички музеј „Ален“ на колеџот „Оберлин“.
Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетн објави враќање на 19 антиквитети во Италија, а церемонијата на репатријација се одржа во италијанскиот конзулат во Њујорк.
Холандскиот трговец со уметнички дела Вилем Јан Хугштедер ќе го врати „Пејзажот Кампања“ од Жан Баптист Виникс во Галеријата на старите мајстори во Дрезден, кој беше украден за време на Втората светска војна. Тој го идентификувал делото како украдено и го купил за да го врати, според „Д арт њуспејпер“.
„Пејзаж со италијански карактер“ од Јохан Франц Непомук Лаутерер, украден од американски војник за време на Втората светска војна, беше вратен во Германија благодарение на Кристофер Маринело, основачот на „Арт рекавери интернешнл“ и на тимот на ФБИ за уметнички криминал во Чикаго.
„Деца шлапкаат во вода“ од Роберт Гемел Хачисон, украдена од сега затворениот музеј на детството – замокот „Хагс“ – во 1989 година, беше вратена во музеите во Глазгов.
НОЕМВРИ
Музејот „Мајкл К. Карлос“ на Универзитетот „Емори“ врати пет антиквитети во Италија што беа украдени и нелегално извезени, по истрагата на „Хроника на високото образование“.
„Пропаблика“ објави дека универзитетот во Калифорнија, „Беркли“, направи значаен чекор кон репатријација на речиси половина од 9.000 останки на Индијанци што ги чува во својот антрополошки музеј.
Черепите на пајванските племиња, чувани во колекциите на Универзитетот во Единбург, беа вратени во Тајван.
Полскиот министер за култура и национално наследство Пјотр Глињски најави обновување на речиси 700 предмети.
– Полската држава постојано трага по огромен број уметнички дела и други музејски предмети изгубени и за време на војната и во втората половина на 20 век – рече Глињски.
Градот Дизелдорф им врати два порцелански „рибни аквариума“ на наследниците на еврејскиот трговец со уметнички дела Арон Шмај Дреј.
Германскиот центар за загуби на културен имот им вратил распетие на наследниците на германскиот еврејски претприемач Отмар Штраус.
Посмртните останки на Чунг Ду-ок, кој почина на Хаваи во 1972 година, беа вратени во Јужна Кореја.
Германија врати 75 археолошки артефакти во Мексико, на церемонија одржана во мексиканската амбасада во Берлин.
ДЕКЕМВРИ
Окружниот обвинител на Менхетн, Алвин Брег, најави враќање на четири антиквитети во Непал, вклучувајќи и пар позлатени бронзени маски Баирава. Еден ден подоцна, Брег објави враќање на 41 антиквитет во вредност од повеќе од осум милиони долари на Турција.
„Адам и Ева“, припишана на Корнелис ван Харлем, ѝ беше вратена на Мареи фон Сахер, наследничка на Жак Густикер, истакнат холандски еврејски трговец со уметнички дела. Сликата, украдена од нацистите за време на Втората светска војна, неодамна беше понудена за донација на музејот „Ролин“.
Музејот за ликовни уметности во Вирџинија објави дека ќе врати 44 дела од античката уметност во Италија, Египет и во Турција.
Музејот на уметноста „Метрополитен“ објави дека ќе врати 16 уметнички дела од ерата на Кмерското Царство во Камбоџа и во Тајланд. Сите дела беа поврзани со Даглас А.Џ. Лачфорд, кој беше осуден за нелегална трговија со антички артефакти.