Ли Суо, кинеска поетеса
Игор Радев
Ли Суо е кинеска поетеса од помладата генерација, родена во провинцијата Анхуј, која детството и младешките години ги минала во Кашгар, провинцијата Шинџјанг. Има дипломирано на Универзитетот за меѓународни студии во Шиан, а магистрирано на Пекиншкиот нормален универзитет. Пишува поезија од 2006 г. Таа учествувала на голем број меѓународни поетски фестивали: Московското поетско биенале (2018), Меделинскиот меѓународен поетски фестивал (2019), Еквадорскиот поетски фестивал (2023). Престојувала во Вермонтскиот студиски центар во САД (2019). Во 2020 г. Ли Суо е добитничка на наградата за авангардна поезија на млади поети во Нанџинг, Кина. Најпозната збирка поезија ѝ е „Бисерниот брод в среда“. Песните на Ли Суо се преведени на англиски, шпански, руски, дански, германски, малтешки и македонски.
Секој човек вообичаено си гради определена претстава за местата во кои уште не бил. Откако за првпат во август ја посетивте Македонија на поетската работилница „Поетскиот превод меѓу цивилизациите“ во Охрид, дали таквите претстави ви беа потврдени или разбиени?
– Порано, преку филмовите на Кустурица, „Подземје“ и „Црна мачка, бел мачор“, како и поезијата и есеистиката на Чарлс Симиќ, во Кина на моја иницијатива беа преведени две негови книги, а исто и други филмови од поранешна Југославија, имав изградено определено обопштено разбирање за југословенските простори – дека тамошните луѓе се срдечни, жизнерадосни, духовити, знаат да уживаат во музиката и храната, но притоа од Втората светска војна до денес имаат искусено премногу историски потреси и премрежиња. Што се однесува до Македонија, првиот Македонец во животот што го имам запознаено во Пекинг во 2016 г. бевте вие. Благодарение на вас добив впечаток дека денешната Македонија е желна за реално општење со надворешниот свет, за градење пријателства, а наедно и жедна за промени. Згора на тоа, со години ми беа познати „Струшките вечери на поезијата“ и, да бидам искрена, се најдов изненадена од длабочината на нивната историска традиција, како и од интересот што тие го побудуваат меѓу светските поети, но и од обемот на селекцијата за фестивалот. Во текот на оваа поетско-преведувачка работилница остварив комуникација со многу македонски поети. Можам да кажам дека некои мои претходни претстави за земјава беа толку разбиени колку што доживеав определено преклопување на имагинарните претстави и реалноста, добивајќи така една појасна и попрецизна слика.
Највпечатливо за мене беше тоа дека, среќавајќи се со толку многу македонски поети и пријатели, увидов како сите тие пројавуваат еден длабок немир и грижа за општествената стварност, која ги опкружува, а наедно се ползуваат со своето творештво и мисла како начин да интервенираат во таа сурова реалност. Шетајќи по улиците на Скопје, забележав многу графити, од кои голем број го претставуваа, чинам, оној симбол на анархизмот – круг во кој е вцртана буквата „А“, небаре младите на свој начин си ја пројавуваа грижата за општествените проблеми, нивниот глас дишејќи со незадоволство и гнев. Кога го посетив Музејот на современата уметност во Скопје видов една инсталација составена од текстови, меѓу кои имаше и заглавие на англиски „Never North“. Пред да дојдам тука, малку пребарував за спорот во врска со името „Македонија“, „Северна “ и сето тоа, меѓутоа не бев докрај свесна за смислата на овие нешта, поскоро за траумата што ја чувствуваа Македонците. Тоа во мене побуди длабока љубов кон Македонија.
Како припадничка на помладата генерација кинески поети, како ќе ја окарактеризирате нејзината поетска изразност споредено со генерациите што ѝ претходеле?
– Кога почнав да пишувам поезија (2006 г.), поради одредени ограничености, не бев во можност да ги читам премногу делата на современите поети, додека претежно ги читав кинеската класична поезија, европската и американската поезија од 20 век, а исто така и кинеската поезија од 1930-тите до 1940-тите години, како и т.н. магличава поезија од 1970-тите до 1980-тите. Дури некаде во 2015 г. за првпат остварив подлабока комуникација и заемни читања со најактивните современи поети. Може да се каже дека дури тогаш започнав да пишувам во рамките на истиот просторен и временски контекст со другите поети, творејќи во сегашно континуирано време. Она што сакам да го кажам е дека за поетот понекогаш не е толку важно да не потпадне под влијанието на современите со него поети, туку да го избегне преовладувачкото влијание на концептите на сета претходна поезија. На пример, денес во Кина се среќава многу лирска поезија (романтичарски обоена), како и поезија што премногу се сосредоточува на игри со реторичкиот регистар на јазикот и своеволно структурирање на синтаксата (дотаму што таа станува опскурна и тешко разбирлива). Илјадници луѓе пишуваат иста застарена поезија, па уште и се восхитуваат од самите себеси. Единствено наоѓајќи ги најсвежите и најавангардните поети на одредено време ние можеме да говориме за трансцендирање на рамките. Од 1980-тите години наваму современата кинеска поезија има породено неколку влијателни правци, како на пример оној на „третата генерација поети“, од која подоцна никнаа и правците на „негација на негацијата“, на „оние другите“, на „интелектуалистичкото писмо“ итн. Најактивните меѓу поетите родени во периодот од 1950-тите до 1960-тите години, како Ју Џјен, Хан Донг, Јанг Ли, Хе Шјаочжу, Цанг Ди, Ши Чуан. Во 2000 г. Шен Хаобо, Јин Личуан, Ву Анг, Шенг Шинг и Шуенјуен Шике (родени во 1970-тите години) го иницираа и учествуваа во т.н. „движење на долната половина на телото“, потенцирајќи ги телесноста и автентичноста на поезијата, а противејќи ѝ се на изразноста на традиционалната поезија и контрирајќи му на академизмот, кој се обидуваше од поезијата да направи интелектуално знаење и научен предмет… Што се однесува до уште помладите поети, оние родени во текот на 1990-тите и по 2000 година, тие се понезауздени, па штом ќе излезат на книжевната сцена, честопати се склони и повеќе да не се потчинуваат на никакви книжевни авторитети. Тие изгледаат и понеоптоварено и понепосредно, развивајќи еден поинстинктивен начин на пишување. Врз опишанава заднина каде што стојам јас самата? Наједноставно кажано, како што живеам, така и пишувам поезија. Го пишувам сопствениот живот, ги пишувам своите вистински чувства, си ги пишувам преселбите на разните етапи од животот (на пример, од Банџи во провинцијата Анхуј до Кашгар во Шинџјанг, па до Шиан во провинцијата Шанши, а оттаму во Пекинг), ги пишувам моите емоционални бранувања низ разните фази на животот и културните конфликти, пишувам за специфично женското искуство на телесноста, за љубовта, за страста, за промените во кинеската општествена средина што ги чувствувам како жена, пишувам за сништата, за границите до кои може да допрат свесното и несвесното. Пишувањето поезија е еднакво на моето постоење, ако престанам да пишувам поезија, значи дека сум престанала да постојам. Во однос на јазикот, претпочитам непосреден и јасен јазик, но притоа не се задоволувам со прост и банален јазичен израз. Јас се обидувам да користам еден динамичен, секојдневен говор плус жив книжевен јазик. Во однос на исказот, се трудам да бидам концизна – ако можам да употреба десет стиха, нема да употребам петнаесет, ако можам да употребам пет збора, никогаш нема да употребам десет. Не поднесувам претенциозни зборови, а згора, повеќе пишувам куси песни. Исто така, одбегнувам лиричност и сентиментализирање во моите песни.
Дали поезијата има пол? Со сета претпазливост, дали можеме да идентификуваме вакво „женско писмо“ во современата кинеска поезија?
– Многу се радувам што ми е поставено вакво прашање. Ако сме во состојба да разговараме за поезијата врз основа на национални, јазични или државни одредници (како што, впрочем, и често правиме), тогаш, секако, и полот е една важна димензија, која мора да биде вклучена во дебатата. Во минатото, речиси низ целата историја во поезијата не можело да се направи разлика врз основа на полот, со оглед на тоа што освен некои исклучоци, како Сафо, главно сите поети биле од машки пол. Поезијата низ минатите векови, а и другата книжевност и уметност, имала само еден пол – машкиот. Тоа значело дека поетскиот глас, се разбира, бил само машкиот глас. Дури и во ерата на Дикинсон, Вулф и Де Бовоар било исклучително тешко за жени да стапат на креативно поле, еднакво со мажите да работат во општеството и да се стекнат со сестрано образование. Одвај во последниов век и нешто женскиот глас успеа да дојде до израз во уметностите, а особено во поезијата. Кога гласот што со милениуми бил потиснуван конечно ќе прозвучи, би сакала, според законите на историјата, да му биде дозволено да биде чуен малку, токму онака како кога потиснат вулкан ќе еруптира, сакал-нејќел, мораш да го истрпиш еруптирањето. Процесот на звучење, процесот на дебатирање – токму во тоа се состои процесот, преку кој општеството станува свесно за постоењето на женскиот глас. Денес, кога има такви што велат – зошто не се нагласува и разгласува „машкиот глас“ во литературата, треба да знаеме дека тоа е неосновано прашање без историска подлога. Во Кина јас често се среќавам со ваква ситуација – кога сакаме да направиме нешто за да го изразиме овој свој женски глас, секогаш се наоѓаат мажи што велат дека и нивниот глас треба да биде чуен. Како и да е, во денешна Кина, гласот на поетесите сѐ повеќе бидува артикулиран, односно постои еден креативен женски глас, а згора, бидејќи денес има цела низа поетеси, кои одлично пишуваат, творејќи смело, непосредно и трудољубиво, овој глас веќе не може да биде игнориран и неговото присуство сѐ посилно се чувствува. Би сакала и да ве запознаам со некои современи кинески поетеси, па да се надеваме дека во иднина ќе се отвори можност нивните песни да бидат преведени на македонски. Рефлексијата за женскиот идентитет, емоционалните искуства, учеството во општествениот живот, раѓањето и мајчинството, самопотврдувањето итн., ова се главните теми во кинеската женска поезија, а веројатно слично е и на други места во светот. Меѓутоа, поезијата не e социолошки извештај, па низ творештвото треба да биде пројавена и изложена одредена уникатност. Нејсе, очекувам и понатаму поезијава да биде разменувана низ превод.
Врз основа на вашето искуство, со помош на какви стратегии би можела поезијата на малите јазични пространства, какво што е македонската, да стане повидлива за кинеската публика?
– Веќе девет години работам во сферата на издавање поезија и организирање поетски настани. Поетскиот клуб „Ксирон“, каде што работам, е непрофитна организација што се занимава со издавање и промовирање поезија, но притоа се потпираме врз една голема комерцијална издавачка куќа. Важно е, сепак, да се спомне дека при правењето избор на поезија не се водиме премногу од пазарните критериуми, туку повеќе обрнуваме внимание на авангардноста и актуелноста на текстот во прашање. Покрај издавањето кинеска поезија, имаме објавено и голем број збирки на странски поети, како на пример: збирката „Антипоезија“ на чилеанскиот поет Никанор Пара, пет поетски и прозни збирки на американскиот автор Чарлс Буковски, исто и поетски и прозни збирки на српско-американскиот писател Чарлс Симиќ, две збирки поезија на американската поетеса Ким Адонизио итн. Кога правиме истражувања во врска со тоа дали некој поет или поетска збирка да ги објавиме во Кина, во никој случај не претставува услов тој или таа да доаѓаат од големо или мало говорно подрачје. Најважна е содржината на творештвото, дали тоа во допир со денешните кинески поети и читатели ќе предизвика духовна резонанца, истовремено обрнуваме внимание и на изразните средства, дали се одликуваат со свежина, инвентивност и смисловна наситеност. Особено се задржуваме на актуелноста на текстот, поетите да пишуваат своевидни живи дела.
Кога би го мапирале местото на својата поезија во рамките на трендовите на современата кинеска и светска поезија, каде би ја сместиле?
– Во кинески рамки, јас сум поетеса од генерацијата родена во доцните 1980-ти, која е надвор од системот на каков и да е официјален дискурс. Поетеса сум што пишува независно и се издржува од уредувачката работа. Јас сум поетеса што се ползува со секојдневниот јазик при пишувањето, притоа одбивам колективни дискурси, сосредоточувајќи се на творењето поезија од еден персонализиран агол. Во светот, мојата поезија им е позната, освен на читателите од кинеското говорно подрачје, можеби уште и на оние од шпанското говорно подрачје, за што треба да ѝ бидам благодарна на мојата преведувачка на шпански Изабела Мориљо. Таа, исто така, ме покани во Мадрид на поетско читање и размена, а претходно имав можност двапати да појдам и во Латинска Америка и да учествувам на поетски размени – на Меделинскиот меѓународен поетски фестивал во Колумбија и на Еквадорскиот поетски фестивал.
Светот е огромен, да најдеш поетски читател или поетски пријател е исто како среде маса луѓе ненадејно да откриеш сродна душа. И само еднаш да си го сретнал, тебе ти е веќе најдрагоцен. Во однос на моето место на поетската сцена, мене ми се допаѓа чувството на немање место, да бидеш во состојба кога ти се чини дека сѐ е можно.