Засадете билка во новата рајска градина!
Зрно фестивалот ве кани на отворањето на изложбта „Еден“ на Тијана Борбељ. Изложбта не враќа во некои минати времиња, ни поставува прашања за сегашноста и ја загатнува иднината, преку нејзините фотографии од стари семејни албуми на „фолксдојчери“ од Војводина, најдени на пазари за старудии, кои таа ги облагородува со вез. На отворањето, ќе можете да засадите и семка или плод од билка по ваш избор, за да придонесете со убава енергија во создавањето на новата рајска градина!
Изложбата ќе се отвори во петок на 12 Јули, во Мобилната галерија во паркот на франкофонијата во Скопје, во 20ч со освежителен коктел.
Се гледаме во рајската градина!
Во средата, на 10 Јули, во галеријата на ФЛУ во Сули ан, се отвори високо квалитетна изложба на Наталија Копкина од Хелсинки и Бабак Хаџи од Техеран, исто така во организација на Зрно фестивалот.Паралелно поставените фотографии на двата автори од навидум далечни култури и фотографски израз, поставени заедно, ни предочуваат суштински прашања за нашето поимање на нас самите. Истата ќе може да се посети до следниот петок, секој работен ден до 15 часот. Зрновци чекаат на вашите коментари, споделувања и впечатоци од двете изложби.
Годинава, активностите на Зрно се одвиваат под мотото – танцот на фотоните! Следни настани се работилниците за благородни фотографски процеси во Село Смилево, под водство на врвни светски фотографи, и се ретка можност за запознавање со фотографијата на вистински начин. Се уште има неколку слободни места за учесници од Македонија, во Смилево, во соработка со МакеДокс и НУ Смилевски Конгрес, ќе се отворат и изложби на Миша Кескеновиќ од Словенија и Фото клубот Ирис од Темишвар, како и проекција на филмот Манаки приказна во слики, на отворена проекција сретсело, за да можат и странските и домашните посетители да се запознаат со бардовите на македонската фотографија и кинематографија!
Нека танцуваат фотоните!
Рајската градина
Во 21 век, фотографијата доживеа голема експанзија и трансформација преку други медиуми, а од неодамна и од алгоритми. Нејзината документарна природа стана сомнителна, технологијата стана полесна за примена, додека толкувањата стануваат сè покомплексни и поинтересни. Во областа на толкувањето, можеби водечко место зазема занимавањето со архивски материјал.
Преку различни интервенции и презентации, фотографиите од „минатато“ добиваат нов живот и нови значења. Но, има уште една интересна работа. Сите тие фотографии се направени со аналогна техника, главно се оригинални црно-бели (поретко во боја) зголемувања создадени во класична лабораторија-домашна или професионална. Значи, некој ги направил со свои раце и знаење. И како такви тие ја носат патината на времето исто како и технологијата што денес ја користат само ентузијасти, фанатици и хипстери. Првите затоа што фотографијата за нив може да биде само аналогна, а последните затоа што е кул, што според мене е доволен мотив. И по правило тие фотографии се многу добро фотографирани – имаат одлична композиција, светло, а
прикажан е добар и интересен момент. Тие фотографии имаат длабочина и исполнетост, а со тоа и еден вид опипливост.
И како што минатото секогаш изгледа подобро и поинтересно, така и архивските фотографии носат носталгичен печат кој нѐ повикува да го присвоиме и да го направиме наше. Тијана Борбељ во текот на своите студии по фотографија континуирано се бавеше со архивите, во различни проекти и на различни теми. Сите тие имаа социолошки аспект и се занимаваа со луѓето од минатото. Како што вели таа, „се обидувам да создадам дијалог помеѓу минатото и сегашноста на човековото искуство“.
Црно-белите фотографии од германските семејства во мал формат што ги купила на пазари за стари работи и портали за половни нешта, бележат некое друго, одамна поминато време што изгледа безгрижно, безбедно и среќно во овие минијатури на животот. Зарем сите ние не би посакале таков живот?! Тијана решава да додаде елементи од рајот на овие безгрижни сцени, додавајќи им боја и тактилност. Шарени цвеќиња и многу зеленило буквално се вткаени во овие фотографии со прецизното ткаење на Тијана. Трендафили расфрлани по крошните на дрвата, цветен свод на куќата на шармантен маж, лалиња и сите други цвеќиња се појавуваат на можни и
невозможни места на фотографските сцени на среќа, слободно време, формалност, љубов…
Везот на Тијана не е само начин да се каже нешто ново или различно за овие типични сцени од животот во средината на 20 век. Тоа е начин авторката и публиката да се поврзат со овие архаични сцени што сите ги носиме во нашите сеќавања и наследство. Тој отскок од реалноста, можеби наивен на прв поглед, на овие фотографии им го дава она суштинското.
Разнобојните конци прават некој вид на емотивна мрежа и врска која во секој однос се гради долго и трпеливо, најдобро и неупадливо, за и самата да расте и израсне во вистинска рајска градина на љубовта.
Ред. Професор Ивана Томановиќ
Академија за уметност, Нови Сад
Проектот „Еден“ го истражува концептот на рајот низ објективот на архивската фотографија и интервенциите во техниката на везење. Истражувањето произлегува од фасцинацијата со старите семејни албуми на германски семејства, најдени во пластични кутии на пазари на старудии или на интернет платформи за продажба на половни работи. Размислувајќи за историјата на моето село, кое некогаш било населено со значителен број Германци, се соочувам со реалноста на нивното
отсуство. Овие наоди покренуваат прашања за исчезнувањето на овие заедници и нивното локално влијание.
Мојата цел е да ги истражам и откријам подлабоките слоеви на врски кои некогаш поврзуваа различни култури, додека ја барам земната Божја градина.
Преку архивските фотографии настојувам да создадам дијалог помеѓу минатото и сегашноста на човечкото искуство. Проектот не е само ретроспектива, туку и покана за подлабоко разбирање на нашето колективно наследство и идентитет, истражување на патиштата до спознавањето на земниот рај.
Тијана Борбељ
Биографија:
Тијана Борбели е млад визуелна уметница од Србија. Родена е во 2000 година во Бачка Топола, а потеклото и е од Фекетиќ. Основните студии по фотографија ги завршила на Академијата за уметности во Нови Сад. Своите дела досега ги изложувала на групни изложби, а покрај тоа присуствувала и на неколку работилници за фотографија. Нејзините дела најчесто се базирани на документарниот жанр.