Вториот фестивалски ден на деветтото издание на „Дрим шорт“ во Струга, покрај проекциите во Паркот на поезијата, прикажува и филмови од Студентската програма во „Јуроп хаус Струга“. Од вчера е активно и катчето за виртуелна реалност во кафе-барот „Дуќан“, а во „Јуроп хаус Струга“ публиката имаше шанса да се запознае и разговара одблиску со бардот на македонското и балканското глумиште Никола Ристановски.
Фестивалот трае четири дена – од 7 до 10 август, на повеќе локации во Струга. Распоредот и програмата се достапни на социјалните мрежи и веб-страницата на „Дрим шорт“. Влезот за сите настани е бесплатен.
Фестивалот нуди четиридневна програма исполнета со инспиративни филмски проекции, дискусии и музички настани. Годинава публиката има ретка можност да се сретне со еден од најзначајните кинематографи во светот, Флоријан Хофмајстер, како и со македонскиот актер Никола Ристановски. Во рамките на фестивалот ќе се прикажат филмови во пет натпреварувачки категории: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјалната програма „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со „ПроПис“-Северна Македонија. Жирито го сочинуваат истакнати филмски професионалци: Јелена Јованова, Никола Ристановски, Гвидо Казале и Бранко Ристовски. Покрај натпреварувачката програма, фестивалот нуди и ревијални проекции, меѓу кои вечер на холандски филм, еколошка програма во соработка со „Екосвест“ и специјална ВР-програма на кратки филмови. Музичката ОФФ-програма ќе ја претстави македонската електронска сцена со диџеј-сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.