Во Младинскиот културен центар во галеријата 2, во вторник, во 19 часот се отвораат две самостојни изложби: „Маските како лице на денешницата“ на Бојана Мандевска и „Моќ во боја“ на Филип Матевски
Изложбата на Бојана Мандевска претставува колекција од рачно изработени глинени маски, кои ја отсликуваат внатрешната приказна на авторката – емоции, мисли и искуства, преточени во ликови инспирирани од секојдневието, околината и општеството. Маските носат силна социјална и психолошка порака, поставувајќи прашања за лицата што ги носиме во современото време. Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура, како проект од национален интерес во областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн за 2025 година.
„Моќ во боја“ на Филип Матевски е визуелно патување што ја слави женственоста – не само како симбол на физичка сила и убавина туку пред сè како израз на интелект, храброст и длабочина. Преку 14 дигитални илустрации создадени во духот на поп-артот, инспирирани од аниме, стрипови и филмска естетика, авторот Филип Матевски нуди свеж и динамичен поглед кон улогата на современите хероини.
Секој лик е прикажан како лидерка, икона или како секојдневна личност што носи свои борби и триумфи. Од ранливост до непоколебливост, од емпатија до моќ, илустрациите отвораат поширока приказна за искуството и значењето на женскиот идентитет во општеството.
Живите и контрастни бои не се случајни – тие ги симболизираат енергијата и свежината што уметноста може да ги внесе во културната сцена. „Моќ во боја“ е повеќе од изложба: тоа е повик за ново вреднување на уникатноста, талентите и придонесот што женскиот сензибилитет го носи во културата и заедницата.
Со овој проект, Матевски ги обединува световите на поп-културата и уметноста, покажувајќи дека анимето, стриповите и филмовите можат да бидат еднакво силни медиуми за инспирација и уметнички израз.
Изложбата претставува и обид за интеграција на современите визуелни медиуми во македонската културна сцена, отворајќи простор за нови дијалози и погледи кон уметноста.
Посетителите ќе можат да ги погледнат изложбите до 14 септември.