На 12-от национален слем – натпревар кој пред три дена се одржа во Прилеп, по вторпат титулата национална победничка ја понесе слемерката Марија Грубор од Велес.
Грубор првпат победи на националниот слем-натпревар во 2017 година и беше македонската претставничка на Европоското слем-првенство во Будимпешта, Унгарија во 2018 година. Грубор беше изгласана од петчленото жири од публиката избрано по случаен избор, а се натпреваруваше во конкуренција со триесетина слемер(к)и од цела Македонија, и во потесниот избор со Лина Пашанку, која го освои второто место и Никола Дукоски кој го освои третото. Марија Грубор ќе биде националната претставничка на Европоското слем-првенство за 2022 година што ќе се одржи идната година.

 

За титулата национален победник/национална победничка се натпреваруваа, покрај победничката и финалист(к)ите, и: Анде Јанков, Валерија Дамчевска, Габриела Стојаноска-Станоеска, Горазд Кени Китановски, Дамјан Ессе, Дијана Петкова, Димитра Цилевска, Евгенија Узунова, Жаклина Ф. Свеќаровска, Ирена Јурчева, Јована Јосифоски, Љубица Петровска, Марина Икономова Шокева, Македонка Настова, Миланчо Пендев, Надица Коцева и Тања Кузманоска, а ревијално наспатија и членовите и членките на слем-трупата Поетри слем Македонија: Перо Сарџоски, Елена Пренџова, Цветанка Колева и Игор Трпчески-Трпче.

Специјални гости на вечерта беа поетите Марио де Роза од Италија и Ернесто Ередеро дел Кампо од Шпанија кои ја претставија својата поезија на италијански, шпански, англиски и македонски јазик, како и Влатко Деловски од Македонија.

 

Годинава настанот беше со надополнета програма со „слем во движење“ која започна во во „Кафе Чоше“ (во центарот на Прилеп, на плоштадот во близина на Саат кулата), каде се одржа мини-слем како вовед во главната натпреварувачка вечер. По „Кафе Чоше“, слемер(к)ите и публиката се упатија кон плоштадот и Камената бина, каде исто така настапуваа, а на крај во киното „Мис Стон“ каде се одржи финалето на слем-натпреварот. По натпреварот, присутните уживаа во концертот на „Филип Букршлиев“ квартет во резиденцијата „Ана Плетварска“ во с. Плетвар. Наредниот ден, програмата беше надополнета со посетатата на мисата во црквата „Св. Петка“ во населбата Точила и прошетката до Марковите кули.

 

Традиционалниот национален слем-натпревар е во организација и режија на Театарска работилница–Прилеп и Игор Трпчески-Трпче и во соорганизација на Елена Пренџова.

Б.С