Фото: КИЦ Истанбул

Македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул го најавува концертот
на македонското пијано трио „30 прсти“, кој ќе се одржи на 26 март 2026 година, со
почеток во 19 часот, во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ во Кадиќој,
Истанбул.

Фото: КИЦ Истанбул

Триото „30 прсти“, составено од пијанистите Марија Вршкова, Весна Ангелова
Христов и Петар Макариевски, е прв и единствен состав од ваков тип во Македонија.
Триото е основано во 2015 година и континуирано настапува на домашната и
меѓународната сцена, со концерти во Хрватска, Австрија, Бугарија, Србија и Турција.
Ансамблот изведува музика за шест раце на еден клавир – специфична камерна
форма која овозможува проширување на звучниот спектар на инструментот и
отвора нови интерпретативни можности. Во 2024 година, триото за првпат во
македонската музичка историја изведе дело за шестрачно пијано и камерен
оркестар. Имаат посебна почит и љубов кон македонската музика, и нивниот
репертоар вклучува дела специјално напишани и прилагодени за овој уникатен
состав кој е предизвик и инспирација за македонските композитори.

Фото: КИЦ Истанбул

Репертоарот на триото вклучува дела од класичниот и современиот музички израз.
На програмата на концертот во Истанбул ќе бидат изведени дела од Роберт Шуман,
Корепанова, Ф. Иванов, М. Шмиц, Р. Рамазанов, С. Рајх, Д. Букувалас, Б. Илин и Д.
Темков.

Фото: КИЦ Истанбул

Членовите на триото се афирмирани пијанисти со значајна солистичка и камерна
дејност. Марија Вршкова дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка
уметност во Скопје, каде денес работи како вонреден професор и продекан за
концертна дејност. Весна Ангелова Христов има богата концертна активност и
долгогодишно искуство како соработник со Македонската филхармонија, а е
ангажирана и како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија
Николовски-Луј“. Петар Макариевски дипломира на ФМУ-Скопје, а магистрира во Софија, по што развива активна камерна дејност и работи како уметнички
соработник на ФДУ-Скопје.

Нивната заедничка работа претставува пример за висока уметничка синергија и
посветеност кон камерното музицирање како специфична и комплексна форма на
музичко изразување.