По покана на здружението на карикатуристи „ХИТХИ“ од Урошевац, Косово, а врз база на повеќегодишна соработка, Томе Трајков – стрип-промотер, и Ангела Петрушевска, млада авторка, присуствуваа на 11. издание на Меѓународниот фестивал на карикатура од овој град.
– Веќе трети пат присуствувам на овој фестивал. Иако областа на карикатурата е различна од областа стрип, тоа не пречи организацијата домаќин да планира и активности за афирмирање на деветтата уметност на оваа територија. Заедно со несебичната асистенција на Ангела Петрушевска од Скопје, на 23 септември одржавме неколкучасовна стрип-работилница за млади таленти од овој град. Тие покажаа голем интерес и талент што треба да се развива и натаму. Инаку, истата вечер се одржа свеченото отворање на фестивалот. Меѓу другото, Имри Муслиу, директор на фестивалот, ја додели главната награда на фестивалот на уметникот од Италија, Агим Сулај – информира Томе Трајков.

На присутните им се обрати Влора Горанци со поздравен емотивен говор и ја врачи наградата „Луљета Кујтими Горанци – слободен уметнички дух“ во чест на нејзината почината мајка. Наградата ѝ беше доделена на уметницата од Полска, Изабела Ковалска.

Исто така им се доделија награди на Дамир Новак, уметник од Хрватска, и на Валтер Тоскано од Италија.