Македонскиот народен театар (МНТ) во текот на целата година со низа настани ќе го прославува 80-от роденден.
– Како и сите приказни, така и МНТ има своја – приказна што се испишува, се раскажува и трае веќе 80 години. Тоа е приказна што започна да се ткае веднаш по ослободувањето во ноември 1944 година, од страна на група истакнати театарски дејци, да се прикажува во декември истата година преку пет едночинки и да се испишува со почетокот на 1945 година: на 3 јануари со вработувањето на 60-те актери и технички, административен и сценски персонал и на 3 април со кревањето на завесата – премиерата на претставата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески. Тоа е приказна што нашите театарски предци со голема љубов, труд и возбуда сите овие години неуморно ја твореа и ја создаваа во националниот театар, а ние, денешните генерации, ја пренесуваме и ја доградуваме за да ги зачуваме вредноста и достоинството во негувањето на културната и националната историја – велат од МНТ.
Македонскиот народен театар денес работи со веќе постојниот уметнички ансамбл, со тенденција за збогатување со нова и млада актерска сила. МНТ ги продолжува приказната и традицијата со секое креирање нов процес – проект, како и со ширење меѓународна и културна соработка.
– Следејќи ја националната стратегија за развој на Министерството за култура и туризам, Македонскиот народен театар има негова голема поддршка, како и поддршка од целата јавност. Поради тоа, театарот својата благодарност ја искажува со целата креативност, историја, стручност и можности и неговиот исклучителен сјај ќе го продолжи со низа настани во текот на целата година: новите претстави што следуваат годинава, гостувања на МНТ надвор од својата матична сцена, поинтензивни гостувања низ другите градови во земјата, гостувања на други театри и културни институции во МНТ, настапи и настани – велат од театарот.