Фото: Стефан Рајхл

Македонскиот метал бенд „Конспираси“ (Conspiracy) на 5 јуни, четврток, во „Буква“ (старо кино „Култура“) во центарот на Скопје, во пресрет на излегувањето на својот втор студиски албум, насловен „Заговор“, кој ќе се појави на дискографскиот пазар утредента, на 6 јуни, преку издавачкатауќа „Мртов коњ“ ќе одржи слушачката промоција.

Настанот почнува во 21 часот, а на самото место ќе бидат достапни цедиња и маици со дизајн инспириран од албумот.

– „Заговор“ е огледало на нашето време – полн со болка, измама и гнев, но и со надеж за промена и откривање на вистинскиот пат. Овој албум ја раскажува приказната за она што многумина го чувствуваат, но ретко го изговараат, болката од предавство, гневот кон неправдата и желбата за ослободување. Преку моќен звук и искрени текстови, „Конспираси“ нуди музичко искуство кое остава длабока трага – велат членовите на групата.

Инаку во „Конспираси“ членуваат: Стефан Трајкоски (вокал и гитара), Александар Стефановски (тапани), Адриан Петров (гитара) и Раде Биковски (бас).

Групата постои веќе десетина години во кои ги оправдаа очекувањата и надежите што музичката јавност ги полагаше во нив.

Фото: Стефан Рајхл

Зад нив се педесетина настапи во земјава и во регионот, а лани беше реализирана и успешна турнеја во Србија, каде нивниот енергичен перформанс за првпат можеше да го почувствува публиката во: Ниш, Вршац, Белград и во Књажевац.

Нивниот студиски првенец е „Dehumanized“, снимен во студиото „Ентерпрајс“ под менторство на Валентино Скендеровски, а го објави „Пасворд продакшн“. Тоа беше дел од наградата што групата ја освои како победник на „Лузер фест“.