Фестивалот во Тирана е познат по тоа што филмовите што се прикажуваат таму се квалификуваат за „оскарите“ и за Европските филмски награди, велат продуцентите на филмот
Македонскиот независен краток игран филм „Мавера“ во режија на Батухан Ибрахим е во официјалната селекција на реномираниот Филмски фестивал во Тирана. Филмот својата албанска премиера ќе ја има во програмата балканската компетиција.
Фестивалот во Тирана е познат по тоа што филмовите што се прикажуваат таму се квалификуваат за „оскарите“ и за Европските филмски награди.
Приказната ги следи двете сестри Билјана и Вики, кои се соочуваат со сложени предизвици по смртта на нивниот татко. Постарата сестра Билјана ја носи одговорноста да ја продаде семејната куќа за да ја обезбеди иднината на Вики. Наративот се развива додека таа се соочува со бирократскиот лавиринт, обидувајќи се да докаже дека нивниот татко е починат.
– Филмот дури беше во фаза на развивање и снимање, генерално реакциите од многуте наши колеги од оваа област беа дека ова е преголем залак и лудило, затоа што ние бевме финансиери на филмот и со помош на прекрасната екипа успеавме филмот да го снимиме во 12 снимачки дена. Тука почувствувавме дека независниот филм во нашата држава сѐ уште се перципира како несериозен, но нашите успеси со овој филм покажаа дека тоа не е така, дека филм што не е поддржан од државата исто така може да постигне големи успеси, односно дека успехот и квалитетот на филмот не ги одредуваат парите и изворот на финансирањето. Се надеваме дека ваквиот принцип на работа ќе ги мотивира нашите колеги. Македонскиот независен филм постои и ќе се издигнува – велат Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, продуценти на филмот.
Минатата година на филмот му беше доделено специјално признание во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во рамките на филмскиот фестивал „Sирни“, ја доби наградата за најдобар филм – „Данчо Чеврески“. Годинава „Мавера“ беше претставен на маркетот за кратки филмови во рамките на интернационалниот филмски фестивал „Клермон-Феран“.
Режисер и сценарист на филмот е Батухан Ибрахим, продуценти се Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, а монтажер е Драган Спасов, дизајнот на звук е на Ристо Алчинов, костимограф на филмот е Андреј Ѓоргиевски-Папаз. Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска-Костовска. В.Д.