• „Нова Македонија“ ја имаше можноста преку очите и ушите на својот дописник во Франција да се увери во зрачењето на македонскиот фолклор, овој пат во Франција, поточно во Нанси и Вандевр, град до Нанси

Колку ни звучи пријатно кога група млади музичари од Колумбија или оперски пејач од Јапонија ќе запеат македонски народни песни или, пак, музичари како од дуото „Алма нова“ или училишни и професионални хорови ќе изведат македонска песна. Но покрај овие медиумски одеци, зад светлото на сцената, тие макотрпно работат и го промовираат македонскиот фолклор во Европа и светот.
„Нова Македонија“ ја имаше можноста преку очите и ушите на својот дописник во Франција да се увери во зрачењето на македонскиот фолклор, овој пат во Франција, поточно во Нанси и Вандевр, град до Нанси. Имено, бевме поканети на настан за македонски ора од љубителката и страсна промоторка на македонскиот фолклор и фолклорот од јужниот дел на Балкан, Женевиев Возжиен, инаку раководителка на фолклорната група „Слога“ – која игра и македонски ора во Нанси.
Само што се приближивме до влезот на спортската сала во непосредна близина на регионалната универзитетска болница во Нанси, бевме изненадени од македонската музика и едногласното хорско пеење на „Македонско девојче“, како да сме во Македонија. А тука имаше триесетина стажанти од цела Франција и соседна Белгија, кои дојдоа во текот на еден викенд да се запознаат, а многумина од нив и да ги усовршат своите познавања на македонскиот фолклор.
Тие беа дел од „Маседониан фолк денс импрешн“, систематскиот курс за обука по македонски народни ора, развиен со цел да понуди јасна методолошка структура при усвојување на содржината на традиционалните ора, стил и израз. Преку низа посебни методолошки практики и постепен пристап, учесниците се воведуваат во техниката на движење и изведба, како и во карактеристиките на македонскиот ритам.
– Од дефинирањето и усвојувањето на програмата под овој наслов, во 2022 год., досега се реализирани вкупно 24 изданија, а последната реализација (2025) беше за време на викенд-обуката во Нанси, Франција, каде што учесниците имаа можност директно да се запознаат со македонската орска традиција под раководство на авторот на програмата и колегата корепетитор Стојан Стојанов.

Од 2022 година „Маседониан фолк денс импрешн“ патува низ Европа и создава спомени – 25 изданија, секое различно и посебно. Една програма, многу градови. Мал јубилеј, но со големо значење. Благодарен на оваа приказна што продолжува да живее – ни сподели Филип Арилон.
Вечерта следуваа дружење и подобро запознавање со учесниците на курсот, колку бевме изненадени кога добар дел од нив ни рекоа дека ја познаваат Македонија и дека веќе биле на курсеви во Македонија и особено дека го следеле фестивалот. Имавме можност да ја запознаеме организаторката на курсот, Женевиев Возжиен, уште во далечната 1990 година, токму на „Илинденските денови“ во Битола. По вечерата следуваше забава, се разбира со македонски ора и песни, поздравени претходно од почесниот конзул на Македонија во Стразбур, Жак Шлеф, кој не го криеше изненадувањето да види курс по македонски фолклорот овде во овој дел на Франција. Се развија македонското оро и песна, во еден момент предводени од лидерката на грчката игроорна секција на песната „Мори чупи костурчанки“.
Песната и орото зближуваат и ги бришат границите.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција