Македонскиот експериментален филм „Лима“, во режија на Батухан Ибрахим, годинава беше селектиран на „Шорт филм корнер“ на Канскиот филмски фестивал. Филмот имаше и својата затворена проекција на Кан наменета за филмски дистрибутери и филмски селектори на 78. издание на Филмскиот фестивал во Кан.
„Лима“ е експериментален филм, кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи му се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет што пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето.
Филмот „Лима“ е уште едно значајно достигнување на независната филмска сцена во Македонија и претставува спој на храбар уметнички израз и креативен труд.
Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ-режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Твистед“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на осум награди. Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.
Проектот е реализиран со поддршка на Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, Министерството за култура и туризам, културниот центар „Битрикс“ и НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид.