Ана Василевска, уметничка координаторка на „Златна рамка“
Седмо издание на „Златна рамка“ – денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Тридневната ревија нуди богата програма од најновите македонски кратки, документарни и долгометражни филмови, а влезот за сите проекции е бесплатен.
Со своето седмо издание, ревијата ја продолжува својата мисија – да ја претстави актуелната продукција транспарентно и критички, да ја доближи до домашната публика и медиумите, како и да придонесе кон унапредувањето и квалитетот на македонската кинематографија преку стимулирање на продукциската и креативната динамика во индустријата.
Седмо издание на „Златна рамка“. Како ја оценувате еволуцијата на ревијата од првото издание досега?
– Почетната замисла зад организирањето на филмската ревија „Златна рамка“ беше да се воспостави јасен и транспарентен годишен преглед на македонската филмска продукција поддржана од буџетот на Агенцијата за филм. Со тоа, публиката, критиката и професионалната јавност добиваат можност, во текот на три дена и на едно место, сосема бесплатно да ги проследат најновите македонски филмски остварувања, при што се овозможува и интеракција со дел од авторските екипи.
Во суштина, „Златна рамка“ претставува вистински празник на македонскиот филм, кој, за жал, ретко им е достапен на гледачите преку телевизискиот етер или домашните филмски фестивали.
Со традиционалното доделување почесни награди за истакнат филмски автор, работник и актер, во организација на Друштвото на филмските работници, се создава контекст на професионално и колегијално вреднување на индивидуалниот придонес кон развојот на македонската кинематографија. Дополнително, преку организирање трибини и работилници во соработка со сродни институции и организации, се отвораат прашања од системски и професионален карактер, што ја позиционира „Златна рамка“ како значајна платформа во рамките на домашниот филмски екосистем.
Гледано ретроспективно, може уверено да се каже дека ревијата ги исполни своите иницијални цели, таа стана релевантен приказ на продукциската слика, место на афирмација на македонскиот филм и суштински сегмент во стратегијата за негов понатамошен развој.
Дали се зголемува интересот кај публиката и филмските автори?
– Со оглед на тоа што ревијата ги обединува сите филмови од една календарска година, распределени во програмски целини (долгометражен, краткометражен, документарен и анимиран филм), интересот кај публиката и авторите бележи континуиран раст. Особено внимание предизвикуваат краткометражните и документарните филмови, кои речиси немаат пристап до редовна кинодистрибуција.
„Златна рамка“ е единствена можност тие да бидат прикажани пред домашната публика, што претставува и поттик за авторите и радост за љубителите на филмската уметност.
Како „Златна рамка“ се вклопува во пошироката стратегија на ДФРМ за афирмација на македонскиот филм?
– Ревијата беше иницирана како дел од стратешките активности за унапредување и поддршка на домашната кинематографија и веќе е препознаена како еден од значајните културни настани во земјата.
Со своето седмо издание, „Златна рамка“ ја продолжува мисијата да ја претстави актуелната продукција низ призма на отчетност и критичка свест, но и со посветеност кон развој на културната публика.
Истовремено, таа претставува форум за професионален дијалог, простор во кој се разменуваат искуства, се отвораат прашања од важност за секторот и се иницираат нови соработки.
На тој начин ревијата претставува логичен континуитет на идеалот што во 1950 година ги поврза македонските филмски професионалци во создавање на едно силно еснафско здружение, насочено кон градење на националниот филмски идентитет.
Годинава се одбележуваат 75 години од основањето на ДФРМ. Што претставува тој јубилеј за вас?
– Она што започна како визија на неколку филмски ентузијасти, кои во 1950 година го формираа Друштвото на филмските работници на Македонија, денес претставува респектабилна професионална асоцијација со меѓународна препознатливост.
ДФРМ е активен член на Европската асоцијација за аудиовизуелна продукција, на ИМАГО – Светската асоцијација на кинематографери, како и на ФЕРА – Европската асоцијација на филмски режисери. Член е и на Европскиот продуцентски клуб (EPC) и е единствена национална институција овластена од Американската филмска академија да предложи македонски кандидат за „оскар“.
По повод јубилејот, со посебна почит им се доделуваат плакети на значајни филмски дејци што повеќе не се меѓу нас, но чие дело останува трајно впишано во историјата на македонската кинематографија.
Тоа се: Јован Бошковски – прв претседател на ДФРМ, Киро Билбиловски – филмски критичар, Никица Лазаревски – сценограф, Јордан Јаневски – тон-мајстор, Делчо Михајлов – директор на ИФФК „Браќа Манаки“, Ѓорѓи Ѓорѓиевски – организација и Милисав Крстевски – светло.
Со овие признанија, ДФРМ им оддава достојна почит, пренесувајќи им ги симболично и благодарноста и обврската кон идните генерации.
Како ја креиравте програмата годинава?
– „Златна рамка“ не е фестивал со селективна програма, туку претставува сублимат на сите филмски остварувања што имале премиера во текот на календарската година. Годинава се прикажуваат девет филма, распределени во три програмски целини – долгометражна, краткометражна и документарна. Во краткометражната програма ќе се прикажат: „Прошетка“ – Елеонора Венинова, „Бегство“ – Хаким Лута, „Турбо-Нет“ – Надежда Панов, „Мала шега“ – Трифун Ситниковски, „Амра“ – Васил Христов.
Во киното „Фросина“ во петокот беа прикажани документарниот филм „Време на бетон“ на Игор Иванов и долгометражниот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец.
А в сабота во домот за стари лица „Мајка Тереза“, во рамките на социјалната програма, ќе се прикаже филмот „Најтешкото нешто“ на Сердар Акар, кој ќе биде дел и од долгометражната програма. Во вечерната проекција ќе се прикаже документарниот филм „Богатство“ на Арсим Фазлија.
Станува збор за разнолика и содржајна програма, која ги отсликува виталноста и тематската широчина на македонскиот филм.
Дали се појавуваат нови трендови или теми? Каква е присутноста на младите автори?
– Македонскиот филм сѐ почесто добива простор на етаблирани светски фестивали, со автентична естетика и европска креативна физиономија.
Се бележат зголемена жанровска експерименталност и разновиден авторски пристап. Особено радува растечката застапеност на женски автори, што говори за здрава динамика на генерациски и родов развој во секторот. Потенцијалот што го имаме е реален повод за професионална гордост.
Во каква состојба се наоѓа филмската индустрија денес? Кои се најголемите предизвици?
– Македонскиот филм е креативно во подем, а финансиски во колапс. Македонската филмска индустрија се соочува со структурни и системски предизвици, како ограничени финансиски ресурси, недоволна институционална стабилност, како и нерешен социјален статус на филмските професионалци. И покрај тоа, авторите продолжуваат со голема посветеност да продуцираат значајни и квалитетни дела.
Филмот, како најмоќен културен медиум, заслужува предвидлива и континуирана поддршка од државата. Културната политика мора да го препознае неговиот капацитет не само како уметничка форма туку и како стратешка компонента во градењето на националниот културен капитал.
Јордан Симонов, Роберт Јанкуловски и Алисија Ферро – добитници на почесни награди „златна рамка“
Во рамките на седмото издание на филмската ревија „Златна рамка“ почесни награди им беа доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија: Јордан Симонов, Роберт Јанкуловски и Алисија Ферро.
Јордан Симонов е истакнат филмски актер. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Димитрие Османли (1992). Во 2015 г. завршува постдипломски студии на истиот факултет, отсек: театарска режија кај проф. Слободан Унковски. Од 1997 година работи во Македонскиот народен театар во Скопје.
Роберт Јанкуловски, директор на фотографија, ја доби наградата за истакнат филмски автор. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Катедрата по камера, во 1997 г., а магистрирал во 2011 година на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА во Скопје. Основач е на Македонскиот центар за фотографија. Реализирал 36 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби насекаде во светот. Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот и носител на титулата витез од областа на уметноста и книжевноста, доделен од Министерството за култура на Франција. Во моментов е редовен професор на Факултетот за филмски уметности при интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје.
Алисија Ферро е истакната филмска работничка. Во својата богата кариера од над 30 години како скриптерка и секретарка на режија, има работено на повеќе од 60 краткометражни и долгометражни играни и документарни филмови, од кои значаен дел се добитници на значајни филмски признанија.
Наедно, во знак на јубилејот 75 години постоење на Друштвото на филмски работници на Македонија, на овој настан постхумно им беа доделени и седум плакети на професионалци што со својата работа оставиле значајна трага врз македонската кинематографија: Јован Бошковски, Кирил Билбиловски, Никола Лазаревски-Никица, Јордан Јаневски, Делчо Михајлов, Ѓорѓи Ѓорѓиевски-Џокер и Милосав Крстевски-Ага.