Македонскиот состав „Неш енд д Ростерс“ (Nesh & The Roosters) неодамна го сними албумот „Last Prayer“, со девет песни, под етикетата на најголемата дискографска куќа во регионот – „Кроација рекордс“. Музиката за повеќето композиции ја напишал легендарниот пејач на ромски песни, Шабан Бајрамовиќ. Неш, пак, е автор на стиховите и на аражманите, со кои успеал да обедини неколку музички стилови во својот препознатлив музички потпис.
Со внимателно одбрани инструменти и пеење на англиски јазик, песните на албумот звучат искрено и спонтано.
На албумот се наоѓа и композицијата „Macedonian“, традиционално македонско оро во седум-осмински ритам. “Неш енд д Ростерс“ ја аранжираа оваа песна на свој начин. Со многу импровизација на сите инструменти во стилот на џипси џез, тие ја претворија оваа мелодија во музичка магија.
Незаборавната „Sila Kale Bal“ на Шабан Бајрамовиќ доби ново руво и во изведбата и аранжманот на Неш звучи сосема поинаку од оригиналот. Може да се препознае и рок призвук, благодарение на електричната гитара. Тука е и една од најпознатите традиционални ромски песни „Dema Devla“, која уште на прво слушање ја крева публиката на нозе.
„Last Prayer“ е албум што Неш го сними во неколку студија ширум светот: во Торонто, Фиренца, Дубровник и во Скопје. Во секој сегмент од продукцијата и звукот, целиот албум звучи професионално и целосно свежо.
Овој албум е наменет за публиката од целиот регион, па и многу пошироко.