На 25 март во Скопје, во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, ќе се одржи јубилејната 10. манифестација на „Денот на пијаното – Скопје“ (Piano Day Skopje 2026).

Настанот годинава е насловен „Македонски музички приказни“ и е посветен на македонското музичко творештво, а ќе се реализира во соработка со музикологот м-р Нора Бајрами.
Младите пијанисти ќе изведат низа дела од македонски автори.

-Одлучивме овој пат фокусот да биде на македонската музика, затоа што сметаме дека е важно учениците убаво да ја запознаат, да ја почувствуваат и да ја раскажат приказната на нашите композитори. Со „Македонски музички приказни“ сакаме да го доближиме домашното музичко творештво и до младите пијанисти и до публиката. Преку вакви настани се гради музичкиот вкус, но и идентитетот на идните уметници. Се покажа дека ова е и убава можност тие да растат како музичари на сцена – вели Светлана Димитриевска, организатор на Денот на пијаното и раководител на одделот за пијано при „Илија Николовски – Луј“.

Светлана Димитриевска / Фото: Приватна архива

Манифестацијата во Скопје е дел од глобалната иницијатива основана во 2015 година по идеја на германскиот композитор Нилс Фрам и претставува настан со најдолга традиција во одбележувањето на овој ден во Македонија. Со текот на годините, интересот за Денот на пијаното континуирано расте, привлекувајќи сè поголем број учесници и публика.

Денот на пијаното симболично се одржува на 88. ден од годината, број што соодветствува на бројот на клавишите на пијаното.