Новиот македонски долгометражен игран филм во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е селектиран во програмата „Перспективи“ на годинашниот 76. Берлински филмски фестивал. Ова беше соопштено во Берлин, со што филмот на режисерката Митиќ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“, во која се селектираат и натпреваруваат најдобрите дебитантски филмови на светско ниво.
Во „Берлинале перспективи“ македонскиот филм ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири, кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филма ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш… Ова е накусо приказната на филмот.
Филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, како и од Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, „СЕЕ Синема нетворк“ и „Синелинк ворк-ин-прогрес“ на 31. Сараевски филмски фестивал.
































