Балканската предисторија на турнеја низ Северна Америка
Меѓународната изложба „Првите кралеви на Европа“ тргнува на турнеја низ Северна Америка, која ќе трае до 2024 година. Заводот и музеј – Битола ги најави почетокот на оваа меѓународна изложба и учеството на македонските музеи во неа. На изложбата за првпат ќе бидат изложени македонски археолошки предмети во Северна Америка, кои ќе претстават врвни уметнички достигнувања во доменот на социјалните и религиските форми карактеристични за разни етапи на предисторијата.
Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е резултат на иницијативата на Филдовиот музеј од Чикаго и соработката со Завод и музеј – Битола, Музејот во Гевгелија и Завод и музеј – Прилеп. Национален координатор на изложбата е Гоце Наумов, при што е направена селекција на повеќе предмети од неолитот, енеолитот и железното време, пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци.
– Овие предмети, заедно со уште стотици други артефакти од 23 балкански музеи, ќе го прикажат постепениот општествен развој на предисториските заедници, кои од егалитарните племенски организации во неолитот постепено се трансформираат во првите европски кралства во железното време на Балканот – вели Наумов.
Филдовиот музеј од Чикаго ја организира изложбата „Првите кралеви на Европа“ во форма на турнеја, која ќе ги претстави македонските и балканските археолошки предмети во неколку музеи во Њујорк, Чикаго и во Гатино-Отава, и тоа во периодот од 2022 до 2024 година.
– Оваа досега најголема изложба на балканската предисторија во светот се очекува да ја видат околу еден милион посетители и ќе им овозможи на многумина да се запознаат со некои од најрепрезентативните артефакти од неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време на Балканот. Изложбената турнеја започнува следната недела на 21 септември во Институтот за древни студии во Њујорк и потоа продолжува во Филдовиот музеј во Чикаго (во 2023 година) и во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава (2024 година) – најавува координаторот на изложбата, Гоце Наумов.
Изложбата е проследена со извонреден зборник, уреден од авторите Атила Гјуча и Вилиам Паркинсон, кој е публикуван од престижната издавачка куќа на археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.