- Во поширок контекст, делата ја отвораат и темата за тоа како малите нации комуницираат со големите системи и како индивидуалниот уметнички глас опстојува во политичкиот и институционален шум
Македонската композиторка Ана Пандевска ќе учествува на престижниот фестивал за современа музика ЕКЛАТ, кој ќе се одржи од 4 до 9 февруари 2026 година во Штутгарт, Германија, со две музички композиции и едно видео во рамките на програмата посветена на современи авторски и уметнички практики. Двете композиции ќе бидат изведени од реномираниот вокален ансамбл „Ноје вокалсолистен Штутгарт“, додека видеото е реализирано во соработка со македонската режисерка Анастасија Лазарова Пилинг.
Во програмата се вклучени делата: „Electroacoustic mantra – From ex YU to EU“ (2022/2023) и „From ex YU to EU – Pass the Word / Clap Game“ (2025). Првото дело е засновано на концептот на мантрата како чин на повторување и е инспирирано од долгиот и комплексен процес на европските интеграции на Македонија по распадот на Југославија. Преку вокални и електронски структури, делото ја проблематизира трансформацијата на државниот и идентитетскиот наратив, медиумското и политичкото повторување, како и процесот на промена на името на државата – од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија, до Северна Македонија.
Второто дело, создадено во 2025 година, функционира како иронична кода на првото. Во „Pass the Word / Clap Game“, бирократската и дипломатската комуникација е претставена како игра, во која правилата, ветото и регулативите добиваат апсурдни димензии. Хуморот свесно е употребен како начин на ослободување од акумулираната напнатост, но под површината останува критичката порака за бескрајното чекање, културната адаптација и постојаните надворешни блокади поврзани со уставните, јазичните и идентитетските прашања. Двете композиции се занимаваат со повторување и трансформација, претставувајќи две емоционални фази на истиот процес – од искрената желба за припадност до свесната иронија по децении продолжена транзиција. Со овие дела, Ана Пандевска поставува прашање: Како звучи прогресот кога никогаш целосно не пристигнува?
Во поширок контекст, делата ја отвораат и темата за тоа како малите нации комуницираат со големите системи и како индивидуалниот уметнички глас опстојува во политичкиот и институционален шум.
































