Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва гостува во Дубровник, Хрватска, каде што ќе одржи концерт на сцената на „Кнежев двор“. Како солистка на овој концерт ќе настапи хрватската виолинистка Џана Кариман, концерт-мајсторка на Дубровничкиот симфониски оркестар, а диригент е маестро Бојан Цанев. На програмата се „Медитеранска суита“ од балетот „Дубровачка легенда“ од Љубомир Бранѓолица, Концертот за виолина и оркестар во А-дур од В.А. Моцарт и Симфонијата бр. 5 во Бе-дур од Франц Шуберт.
Концертот на Македонската филхармонија во Дубровник се реализира како дел од годишната програма на институцијата, која е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Џана Кариман е родена во 1989 година во Дубровник. На седум години започнала да учи виолина во уметничкото училиште „Лука Соркошевиќ“ во класата на проф. Иванка Калањ, а во 2011 година ги завршила студиите на Музичката академија во Загреб, во класата на проф. Леонид Сокоров. Учествувала на голем број натпревари во земјата и во странство, меѓу кои на Натпреварот за музика и танц во Загреб (1998, 2000, 2002, 2004), интернационалниот натпревар „Етиди и скали“ во Загреб (1998, 1999, 2003) и интернационалниот натпревар „Верди“ во Рим (2001). Добитничка е на први награда на интернационалниот натпревар „Рудолф Матц“ во Дубровник, натпреварот „Бетовен“ во Санкт Пелтен и на Интернационалниот натпревар по виолина во Казахстан. Како камерна музичарка, Кариман учествувала во проекти на младински оркестри во Германија, Унгарија и во Австрија. Учествувал на семинари кај познати професори, како Л. Сокоров, M. Сокоров, Г. Кончар, A. Сешек, Г. Зислин, А. Винитски, A. Сокоров, З.Брон, Б. Кушнир, П. Зукерман. Џана Кариман е членка на познатиот хрватски камерен ансамбл „Загрепски солисти“ и концерт-мајсторка на Дубровничкиот симфониски оркестар.
Добитникот на македонското признание „виртуози“ за најдобар музички изведувач во 2013 година, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во музичкиот центар „Кауфман“. В.Д.
Новите дела на Светиев, Пандевска и на Иванов во јубилејната година
Делата на композиторите Борис Светиев, Ана Пандевска и Филип Иванов се избрани на конкурсот за откуп на музички дела од домашни автори, кој го објави Македонската филхармонија во мај годинава. Комисијата составена од македонски композитори, музиколози, домашни и странски диригенти ги награди симфониските дела „Јубилејна фантазија“ на композиторот Борис Светиев, „Куклици“ на Ана Пандевска и „Итар Пејо“ од Филип Иванов.
Делата на Светиев, Пандевска и на Иванов ќе бидат изведени до крајот на годината, во јубилејната концертна сезона на Македонската филхармонија, во која институцијата ќе прослави осумдесет години од формирањето.
Конкурсот беше инициран како дел од активностите по повод прославата на осумдесетгодишнината на Филхармонијата за да се поттикнат и мотивираат домашните автори да напишат нови симфониски дела, кои својата праизведба ќе ја доживеат во јубилејната сезона 2024/2025, насловена „Одисеја“. Делата што премиерно ќе прозвучат во роденденската сезона ќе бидат изведувани и на концертите на Македонска филхармонија во странство за да се промовира домашното творештво надвор од нашата земја.