Оркестарот на Македонската филхармонија ќе гостува во Солун, во заедничка изведба на сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф со Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун.
Диригент ќе биде Михалис Иконому од Грција, а како солисти ќе настапат нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контратенорот Николас Спанос од Грција.
Изведбата на градниозното дело од Карл Орф ќе се одржи во Концертната сала во Солун, со почеток во 21 часот.
Ова е втора изведба на „Кармина Бурана“, по премиерата во Софија во февруари, која беше проследена со овации од публиката.
„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела, кое има статус на музички „бестселер“ на 20 век. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на оваа кантата. „Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата што ги носи животот.