ЧЕТВРТА ЗИМСКА ШКОЛА ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Четвртата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Скопје поттикнува голем интерес и интеракција кај 81 семинарист: македонисти, балканолози, слависти, филолози, културолози и преведувачи, кои годинава доаѓаат од 21 земја во светот. Како нова програмска содржина, првпат годинава се одржуваат и предавања од еминентни професори, кои предизвикуваат голем интерес кај семинаристите, како предавањето на Димитар Пандев за стилските синтези на Конески и предавањето на Славица Велева за зборообразувањето во поезијата на Гане Тодоровски. Креативна и иновативна беше и преведувачката работилница, која поттикна интеракција меѓу семинаристите и лекторот Ѓоко Здравески.
– Огромниот интерес за Четвртата зимска школа сведочи за актуелен подем на македонистиката во светот, за што заслуга има новиот концепт со визија, квалитетната програмско-содржинска понуда, проактивност што резултира со отворање мрежи на соработка и заложбите на македонистичките лекторати во странство, а сето тоа со поддршка на УКИМ и на ректорката Биљана Ангелова – велат организаторите.
Со цел семинаристите да се изградат и да прераснат во посветени македонисти, семинарот овозможува квалитетна програмска понуда со богати содржини, кои овозможуваат комплексна претстава за лингвистичката, книжевна, културолошка и преводна македонистика. Зимските и летните школи им овозможуваат услови за развој и континуитет на македонистите од странство.
Семинаристите доаѓаат од референтни и реномирани универзитети, кои имаат можност да ја изучуваат македонистиката преку школите на МСМЈЛК при УКИМ, најстариот државен универзитет што годинава ќе го прослави својот 75-годишен јубилеј.
Голем интерес предизвикуваат и незаборавните средби (на далечина) со еминентни писатели како што се академик Влада Урошевиќ и Јордан Плевнеш.
– Македонскиот писател денес не се чувствува затворен во тесните рамки на својот јазичен простор. Тој, благодарение на сѐ поразвиените средства на комуникација – и на вашите напори, драги наши пријатели, сѐ повеќе е граѓанин на светот. Она што Рацин, пред сто години, го сонуваше низ стихот „куќа цел свет“, станува наша реалност. За тоа, вие што го изучувате и го афирмирате македонскиот јазик и македонската литература, имате голема заслуга. Вие сте наша најсилна врска со светот – им порача академик Влада Урошевиќ на македонистите од целиот свет.
И Јордан Плевнеш им прати порака на странските македонисти.
– Изучувајќи го македонскиот јазик и читајќи на македонски вие самите ќе станете дел од осмото светско чудо што секојдневно се гради во светската книжевна имагинација! – рече тој.
Во рамките на школата, а во чест на 90 години од раѓањето на великанот Гане Тодоровски се одржаа предавања „Поетска Ганевина“ на Кристина Николовска и „Зборообразувањето во поезијата на Гане Тодоровски“ на Славица Велева. На преведувачката работилница на Меѓународниот семинар се работеа препеви на поезијата на Гане Тодоровски на повеќе странски јазици што потоа ќе се објават во „Зборник поезија со кажувачки“. В.Д.