Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и генералниот секретар на ТУРКСОЈ, Султан Раев, на свечена церемонија во Анкара потпишаа меморандум за разбирање меѓу Министерството за култура и туризам и меѓународната организација за турска култура ТУРКСОЈ. Во своето обраќање, министерот Љутков нагласи дека културата на една држава во многу нешта зависи од почитувањето и афирмацијата на културните различности што опстојуваат на нејзиниот простор.
– Унапредувањето на културните особености на сите заедници што живеат во Македонија е наш приоритет, бидејќи сите заедно придонесуваме кон богатата културна ризница по која нашата земја се издвојува во европскиот културен мозаик – рече Љутков.
Тој додаде дека овој меморандум означува нова фаза во културната соработка меѓу Македонија и земјите членки на ТУРКСОЈ, развој на заеднички проекти во областите на културата, уметноста, литературата, сценските уметности, музејската и библиотечната дејност, размена на уметници и ансамбли, како и зближување на народите, промоција и зачувување на културното наследство.
Генералниот секретар Раев рече дека потпишаниот меморандум не претставува само документ за институционална соработка туку и значаен чекор кон зајакнување на културното зближување меѓу народите, поддршка на зачувувањето на културното наследство и поттикнување на уметничкото творештво. Тој додаде дека турската заедница во Македонија, со своето богато историско и културно наследство, е нераскинлив дел од турскиот свет и претставува мост меѓу различните култури.
Со потпишувањето на меморандумот се отвораат нови можности за промоција на богатото културно и уметничко наследство на Македонија во земјите членки на ТУРКСОЈ – Турција, Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Узбекистан и Туркменистан, како и за унапредување на меѓународната културна соработка и туризмот.
































