Во канцеларијата на здружението за промоција на документаристика „Македокс“ во Скопје, во периодот од 22 до 24 ноември, се одржа обука за наставници од основни училишта. Целта на едукативната програма „Македокс во училница“ е преку практична обука наставниците да добијат алатки и материјали за обработка на чувствителни теми од наставната програма по Граѓанско образование за осмо и за деветто одделение, но и да се поттикне поширока примена на овој пристап во други предмети.
Во рамките на тридневната работилница беа обучени осум наставници од основни училишта од различни градови и двајца наставници од средни училишта, кои веќе учествувале на претходни обуки. Тема на обработка беа пет документарни филмови и еден бонус-филм од програмата „ДокуНикулци“, кои ќе бидат дел од новиот прирачник. Наставниците ги споделија своите перспективи и искуства, а во текот на следните месеци ќе биде оценета ефикасноста на овој пристап преку онлајн средби и анкети.
На обуката учествуваа наставници од Скопје, Куманово, Берово, Демир Хисар, Битола, Дебар, Пробиштип, Струга и од Охрид, кои ги вложија својата посветеност и енергија во реализацијата на работилницата.
Правата за обработка на документарниот филм „Моите, твоите, нашите улици“ беа отстапени од УНДП МК. Подготовките за следната обука за средно образование продолжуваат во 2025 година. Обуката беше реализирана во рамките на проектот „Подигнување на свеста за човековите права преку документарниот филм“, поддржан од Националната фондација за демократијa од Вашингтон.
Едукативната програма „Македокс во училница“ го воведе документарниот филм во формалното образование. Со помош на Националната фондација за демократија (НЕД), досега се објавени три прирачници со 31 креативен документарен филм за наставници во средните училишта во Македонија. Програмата ја применуваат вкупно 140 обучени наставници по социологија и по граѓанско образование во 80 средни училишта низ Македонија преку кои, од 2013 година наваму, секоја учебна година „Македокс во училница“ допира до најмалку 30.000 ученици.