Луцеро Тена и Гзавије де Местре на „Охридско лето“
Звуците од кастанетите на прекрасната уметница Луцеро Тена и на харфата од Гзавије де Местре создадоа вистинска магија во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“ на Шпанската вечер, која се организира традиционално секоја година на фестивалот „Охридско лето“. Шпанската вечер ја отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија, Рафаел Сориано Ортиз, кој рече дека „Охридско лето“ е настан што не смее да се пропушти во лето зашто секоја година ги собира извонредните уметници од целиот свет.
– Фестивалот на тој начин ја исполнува својата цел да ги трансформира културата и уметноста, со големо У, во мост на разбирање помеѓу луѓето и нациите. Голема благодарност и честитки до сите што го овозможуваат тоа. Шпанија и годинава е присутна во Охрид. Во оваа пригода со големо задоволство ви ја претставувам извонредната Лусеро Тена, голема фламенко-танчарка, во поголемиот дел од нејзината долга кариера. Таа сега е најголемиот виртуоз на кастенети во светот. Лусеро е придружувана од големиот уметник Гзавије де Местре, исто така виртуоз на својот инструмент и извонреден музиколог. Тие ќе изведат неколку дела заедно, кои магично ќе нѐ однесат од срцето на Балканот до мојата сакана Шпанија – рече Ортиз.
Луцеро Тена, која италијанскиот печат ја нарече Паганини на кастанетите, е пионерка во концептот „солист на кастенети“ и е препознатлива по нејзиниот специфичен стил на интерпретација. Во 2027 година заедно со Гзавије де Местре го издава цедето „Шпанска серенада“, кое го промовираат на турнеја низ светот. Во 2018 година настапува на „Холивуд Боул“ со Пласидо Доминго, на фестивалите МИТО и во Равена, Италија, заедно со Гзавије де Местре, и дебитира во „Филхармонијата“ во Париз. Ангажманите што ја очекуваат се рецитали со Гзавије де Местре во Германија, Франција, Кина и Јапонија, како и на фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“, настапи на шпанските летни фестивали, како и солистички настапи во шпанските театри и оперски куќи.
Гзавије де Местре е еден од водечките харфисти на денешницата и исклучително надарен и креативен музичар. Како виртуоз на харфата придонесува кон збогатување на репертоарот за овој инструмент, нарачувајќи нови дела од современите композитори, но и создавајќи транскрипции за харфа од веќе постојниот инструментален репертоар. Редовно настапува со водечките оркестри во светот, како симфониските оркестри во Чикаго, Монтреал, Бирмингем, оркестрите на Шведското и Финското радио, оркестрите во Лос Анџелес, Лондон, Санкт Петербург, Осло, Париз, Цирих, како и оркестрите во Кина, Сао Паоло и Салцбург, работејќи со диригенти како сер Андре Превин, сер Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Даниеле Гати, Филип Жордан, Бертранд де Били, Андрес Орзоко Естрада, Даниел Хардинг, Сузана Малки и др.
Двајцата големи уметници, Луцеро Тена и Гзавије де Местре, на концертот на „Охридско лето“ изведоа дела од нивниот албум, кој е снимен за „Сони мјузик“ и е распродаван низ светот.