Осврт на универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска по повод 90 години од раѓањето на македонскиот писател
„Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“, напиша Петре М. Андреевски во својата култна „Дениција“. И навистина, и во годината кога се навршуваат девет децении од неговото раѓање, речиси осумнаесет години по неговото физичко заминување, ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно во македонскиот книжевен и културен простор од отсуството на драгиот наш Петре.
„Животот е една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчаме. Цел живот трчаме за да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер, кај што ќе заврши и нашето талкање. Нашето постојано паѓање.“ – мудруваше тој во „Пиреј“. Затоа и оперираше со митотворни искуства какви што се древните пагански претстави за животот на небото и земјата, за раѓањето и смртта, за доброто и злото, за долниот и горниот свет, но и со модели во кои овие искуства се обликувани, пренесувани и сочувани – легенди, обичаи, гатанки, клетви, благослови, разни магии… Така, Лотман и Успенски, во неговиот случај би рекле дека неговиот преобликуван митски модел на светот во однос на симболистичкиот текст се однесува како еден метасистем кој има улога на метајазик, исто како што во фолклорот, според Мелетински, митолошкиот начин на мислење се преобразува во уметничка метафора. Искуството на Андреевски ја потврдува оригиналната идеја за создавање на книжевност од книжевност или уште пошироко сфатена како создавање култура од култура што е пишување како континуитет, пишување како одговор, или повторно пишување, како што забележа Лахман.
„Облеката е измислена да ти ги покрива недостатоците, а зборот да ти го покажува и тоа што не се гледа“ – ќе поентира Андреевски во „Тунел“.
А зборот за него беше сè. Поезија, со која започна да го изодува својот творечки пат, „поточно нејзините зборови многу често ја имаат интонацијата и загадочната преплетеност на зборовите од уроците и баењата, на говорот на вражалките и гатачките“, како што во 1980 година ќе забележи Влада Урошевиќ. А ние, денешните читатели се јавуваме во улога на препрочитувачи на тој говор. Строго логички гледано, од создавањето на првиот уметнички текст, секој следен текст морал да се наоѓа во однос со тој прв. Всушност меморијата на писмото се служи со механизмот на интертекстуалноста, додека на самиот почеток на поетската меморија стои магијата сфатена не само како обредна практика, туку и како систем на мислење и чувствување на светот. Зашто Петре М. Андреевски многу добро знаеше и чувствуваше дека вербата во зборот е заедничка и за магијата и за поезијата. Како што магијата со употребата на зборот, и тоа на оној неразбирливиот, таинствениот или мистериозниот, се обидува да даде свој прилог во пронаоѓањето на праизворите на непресушната енергија на постоењето, така и поезијата со неговата примена, се обидува да укаже на неговата ефикасност и моќ која излегува надвор од просторот на неговата обична и секојдневна употреба.
Но, и на овој ден, не може да не напоменам дека не само што беше голем автор, туку Петре беше и голем, а специфичен човек. Затоа што ја имав честа и среќата лично да го запознаам и познавам, иако генерациската разлика не беше мала… И тоа првпат го пресретнав во 1992 година, кога нè врза една песна за деца –популарната „Зелката“ на чија музика потпишана од Славе Димитров, големиот Петре ги навеза своите стихови „Зелката има кошули триста“ за хит-серијата „Дајте музика“. А тие стихови ги испеаја моите Стефан и Сара. Тоа беше нашето книжевно венчавање. И веќе следната, 1993 година, додека одеше и серијата на МРТВ, но и турнејата низ Македонија на „Дајте музика“, напишав еден срамежлив текст за неговата „Небеска Тимјановна“. И тогаш со својата скромност и пишувачка неопитност шкртнав одвај две странички за големиот Петре М. Андреевски. Ама веќе бев сериозно вљубена во неговиот збор! И потоа замолчав. Петре сигурно не ме ни прочитал, ама јас и понатаму го читав, но не се осмелував да пишувам нешто посериозно и поголемо. Така, гледајќи од денешен агол, неколкуте мои текстови што се појавија во книжевните списанија токму во годината на преминот од едниот кон другиот век (2000) беа само најава за она што го напишав и истражив и тоа кога сметав дека сум малку повеќе умна и начитана, и дека можам вистински да кажам за неговото писмо, кога се дрзнав и кога во 2002 ја напишав и одбранив својата докторска тема, а потоа и нешто подоцна ја напишав и објавив и својата книга „Лицето на зборовите“, двете посветени на неговото поетско писмо. Затоа што: „Кога ја прашав баба ми / како да го запаметам / лицето на зборовите, / таа како да се врати / некаде оддалеку, / ме гушна и ми рече: / Нивното лице не е едно, / како и нашата мака / што не е само една / и не е само за еден! // Така во скутот на баба ми, / на нејзината шарена скутина / ја запознав мојата татковина.“
Најголемото признание ми беше неговото присуство, заедно со Михаил Ренџов на промоцијата на „Лицето на зборовите“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Знам дека да беше физички меѓу нас, и во многу ситуации потоа ќе беше тука, со неговиот строг, а македонски питом поглед и збор. Затоа и чувствувам дека во нашиов културен простор не само преку неговото творештво, туку и преку неговата севкупна, човечка и творечка појава (како кога се пројави и како рецензент на Венко Андоновски на пример), нема ништо поприсутно од неговото отсуство.
Верувањето во силата на зборот е старо колку и човечкото искуство и култура. „Можеби и тоа е некое праискуство“, како што посочи Душко Наневски, „или прасознание за звуковниот клуч и мислената сила на зборот, со кои се покренуваат скриени енергии“. „Јас“, вели Петре М. Андреевски, „многупати сум се прикрадувал до некој добар народен раскажувач за да научам нешто од неговото вдахновено редење на зборовите: како ги одбира и како им го одредува вистинското место во својот сликовит и сложен состав. И со колкаво мајсторство ги оживува и подгорените корени на некои заборавени зборови наоѓајќи им ново место и значење. Настрпливо сум заслушувал со каков потег ќе го ефектуира неочекуваниот пресврт со кој треба да нè изненади. И особено како го контролира времето на неговите дигресии. Ете, тие златоусни раскажувачи ми беа првите учители од кои научив како треба да се каже и она што не е за кажување. Така ја открив прасликата на зборовите и дека токму зборовите се нашите први споменици и нашите клучни сведоци за првата осознаена вистина за нас.“
А ние пак, таа моќ на зборот ја откриваме и преку неговото творештво. Таа магиска моќ особено е изразита во сочуваните магиски формули со чудесно дејство за лекување какви што се и разните баења т.е. бајачките. Можеби етимологијата на бајачките доаѓа од сибирските племиња, како вели Наневски, кои, со баење т.е. кажување по три бајки (сказни) секоја вечер, верувале дека се создаваат три железни обрачи околу домот, како заштита од зли духови, за спокоен сон. Интересно е дека и нашиот собирач Марко Цепенков, и покрај тешкотиите за нивно забележување поради нивната тајност, запишал неколку македонски бајачки, што можат да се читаат како цели песни, во кои преовладува метафоричниот говор ситуиран во надреални слики. И Бретон, за волшебното дејство на стихот, препорачува користење на магиски формули, во надреалистички стил. Во нивниот шепот исполнет со таинствени и волшебни зборови се крие една архајска поезија. Првобитно магот бил врач или лекар кој ја знаел магијата да лекува со збор, а потоа таа, пренесувајќи се од колено на колено, стигнува и до наши дни.
Во овој стил е пишувана и песната „Бајачка“ од збирката „Лакримариј“ на Петре М. Андреевски, особено оние стихови кои прозвучуваат како магиски формули изречени од самата бајачка кои истовремено создаваат и некој свој мит. Можеби, во името на тоа чудесно дејство на зборот, најдобро е и овој потсет за Петре М. Андреевски да се заокружи со стиховите од таа негова песна: „Болко, болештино, грда горештино, / огладни, опадни и онеможи, / побегни ко слана од сонцето, / ослепи, оглуви и одврзи се / од под јазикот, од под стапалата / и пушти му ја устата да зборува / и пушти му ги нозете да му одат, / врати му ја сенката на телото / и врати ѝ го телото на душата!“
И по девет децении од неговото раѓање, мора да се нагласи и да се запомни – магичниот збор на Петре М. Андреевски ја смени свеста за книжевноста кај македонскиот читател, и не само што иницираше цели генерации да се угледуваат на тој модел, туку ја смени и македонската критичка свест. Својата вечна преокупација, Петре М. Андреевски ја ситуира во родниот крај. Но со тоа, тој не стана локален или регионален автор, зашто успеа, преку универзализацијата на локалното, тој свој крај да го постави како центар на светот и како тежиште на космосот. Колкумина ли (не) умеат да го сторат тоа со своето перо?!