Синоќа во центарот на Скопје, поточно во Националната галерија Даутпашин амам, на прагот на Старата чаршија, се случи чудото на уметноста. Стотици луѓе брзаа да влезат низ малата врата, на задниот дел на галеријата, како во некој свет храм, за внатре пред нив да се отвори големиот, имагинативен свет на сликите на ликовниот уметник Миро Масин (60), кои ги создава цели 40 години.
Некој, од страна, ќе помислеше што ли делат тука, гледајќи пред себе редица луѓе, кои трпеливо чекаа да влезат во галеријата. И да, имаше подарок внатре, чувство на среќа, дека ете и Скопје заличи на светските метрополи, каде луѓето чекаат трпеливо за „трошка“ уметност. Овој креативен, магичен момент на давање и примање нѐ врати во креативните 1970-ти и 1980-ти години, кога целиот свет пулсираше во тактот на уметноста од сите видови: ликовна, музичка, филмска, театарска….
А ако некој сака да одгатне која е тајната на привлечноста на ликовното творештво на Миро Масин, тоа е самиот тој.
Миро е олицетворение на она што го создава, со сета страст, со своите дилеми, подеми и падови, изненадувања, понекогаш убави, понекогаш не, што ги носи животот. На својата лична вага Масин секогаш ѝ додавал малку повеќе на уметноста, можеби свесно одбирајќи да одземе малку од сѐ друго, од својата приватност, здравје, сигурност…..
Во својот дом – атеље – галерија – тој го создава пасионирано својот свет на птици, риби, луѓе, мајмуни, на експресија, реализам, на надреализам, низ кој и самиот сакал да талка во своите почетоци, на себеприсутност во секој потег на четката.
И самата негова појава е автентична, како и она што го создава, па можеби затоа луѓето уште повеќе му веруваат. Но и Миро им верува, ги сака луѓето, го сака животот, со сѐ што носи. И иако делува дека она што го прави катаден е многу лесно, тој трпеливо бара и бара нови предизвици, нови нијанси во потегот на четката со која ја раскажува својата приказна. Секако има тука и прашања без одговор, но и покрај сѐ, целта е јасна, да се остави трага зад себе.
Сите што синоќа беа на отворањето на неговата ретроспективна изложба, со интересен наслов: „Подобро на гранка одошто заглавен во лифт“, шетајќи низ сите катчиња на галеријата, го следеа неговото ликовно писмо, и како тоа еволуирало низ годините.
Направена е селекција од 150 дела, најмногу слики, потоа цртежи, графики, објекти од сите периоди.
Дита Старова-Ќерими, директорката на Националната галерија, на отворањето рече дека „оваа изложба не е само прослава на уметноста, туку почит кон креативноста, страста, доследноста и визијата на уметникот,чии дела оставиле неизбришлива трага на македонската ликовна сцена“.
И секој што го почувствува барем за миг овој допир на уметноста, сигурно си помисли дека понекогаш во животот треба да се чекори наспроти ветрот!