„Охридско лето“
Публиката на „Охридско лето“ се восхитуваше на пијанистичкиот артизам на младиот чешки уметник Лукаш Вондрачек, кој одржа концерт на подиумот во црквата „Света Софија“. Преку неговиот префинет клавирски израз, во акустичниот амбиент прозвучија дела на Брамс, Скрјабин, Дворжак и на Шумен, како и композиции од Шопен и Рахманинов изведени на бис по бурните и стоечки овации од страна на љубителите на класичната музика.
Неприкосновениот победник и носител на наградата гран при на меѓународниот натпревар „Кралица Елизабета“ во 2026 година, Лукаш Вондрачек, повеќе од две децении патува низ светот настапувајќи со најпознатите светски оркестри.
– Многу сум среќен што сум тука, првпат во Македонија, и одбрав музика што многу ја сакам, композитори што ми се блиски до срцето, особено Роберт Шуман. Имаше и чешка музика бидејќи сум роден во Република Чешка. Обично свирам во модерни концертни сали, но оваа црква навистина е специјално и инспиративно место за мене – рече пијанистот Вондрачек.
Концертот се одржа во рамките на традиционалната Чешка вечер на фестивалот „Охридско лето“ поддржана од Амбасадата на Република Чешка во нашата земја.
– Секоја година имаме музичари од Чешка и оваа година исто така имаме наш многу познат музичар, Лукаш Вондрачек. И претходно на Чешката вечер на фестивалот настапиле многу други извонредни уметници. Се надевам и во претстојните години ќе ја продолжиме оваа традиција – истакна чешкиот амбасадор Јарослав Лудва.
Програмата на класична музика на годинашното 65. „Охридско лето“ продолжи со традиционалната „Вечер на Европската Унија“, на која целовечерен концерт одржа францускиот квартет „Модиљани“.