Фото: Маја Јаневска Илиева

Македонскиот филм долги години беше во криза, но успеавме да излезе од таа криза. Со ребаланс на Буџетот за оваа година обезбедивме дополнителни 145 милиони денари, што ќе биде многу повеќе од двојно, од она што го имаше филмот во првата половина од годината, соопшти денеска на прес-конференција министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој посочи дека со законска измена од следната 2026 година, три проценти од игрите на среќа ќе одат директно во македонскиот филм.

– Што значи дека за три пати ќе се зголеми буџетот за филм од 2026 година. Мислам дека тоа ќе ни даде поголема комоција и во делот на креативноста. Тие средства нема да одат само за македонскиот филм, туку од следната година веќе отвораме и конкурс за серии, што значи дека Агенцијата за филм ќе поддржува и серии. Тоа е договорот што го потпишавме претходната година со „Еуроимаж“, допололнителни средства, некаде околу 450 илјади евра котизација и учество за снимање на македонски серии – рече Љутков.

Тоа, како што рече, е новост и импакт за македонскиот филм и за македонските серии.

Љутков на денешната прес-конференцијата по повод светската премиера на филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска им честиташе на Лабина и на Теона Митевски за големиот успех што веќе го постигнува овој филм.

Филмот „Мајка“ годинава ќе ја отвори селекцијата „Хоризонти“ на  81. издание на престижниот Венецијански филмски фестивал.

– Тоа е навистина голем успех и за македонскиот филм, но и за нашата држава – рече Љутков.