Во рамките на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој – Мондиакулт, што се одржува во Барселона, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, имаше свои обраќања на тематските сесии „Културни права“ и „Економија на културата“.
Во своето обраќање на тематската сесија „Културни права“, министерот Љутков нагласи дека културата не е привилегија, туку основно човеково право, загарантирано со Уставот на државата. Тој подвлече дека Македонија ја гради својата културна политика врз темелите на меѓународни документи, како Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања.
– Во нашата земја, приоритет претставува поддршката на културното изразување на сите заедници. Дополнително, особено внимание посветуваме на обезбедување еднаков пристап до сите сегменти од културниот живот за младите, за жените и за лицата со попреченост – изјави Љутков.
Министерот се осврна и на значењето на меѓународната соработка преку партнерства со европските и со светските институции, програми за културна размена, реституција на културите добра и развој на дигитални платформи кои овозможуваат културна достапност за сите.
– Веруваме дека глобалниот дијалог е клучен чекор кон поинклузивна и просперитетна култура – потенцираше тој.
Во рамките на сесијата посветена на креативната економија, министерот Љутков ја претстави стратегиската определба на Министерството за култура и туризам за поддршка и развој на културните и креативните индустрии и нивно позиционирање на меѓународната сцена.
– Нашата визија е Македонија да стане регионален центар за културна и креативна економија, земја која ги чува своите вредности, но е отворена кон светот – истакна Љутков.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам веќе спроведе пилот-истражување за индустријата на видеоигри и започнати се активности за мапирање на целиот сектор на креативни индустрии. Овие иницијативи ќе овозможат да се креира рамка за нивен стратегиски развој и да се отворат нови квалификации и вештини во образовниот систем.
На крајот од обраќањето, министерот Љутков подвлече дека нашата земја чекори кон иднина каде што културата и креативната економија ќе бидат двигатели на одржлив развој.
Со учеството на „Мондиакулт“, Македонија како членка на УНЕСКО го зацврсти своето место во меѓународниот културен дијалог и уште еднаш ја потврди заложбата за градење политики за одржлив развој. Следната Светска конференција ќе се одржи во 2029 година во Ријад, Саудиска Арабија.