Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, неговиот заменик Седат Сулејмани остварија низа средби со вработени во институциите од областа на културата во Гостивар и објекти значајни за културата.
На средбите со директорите на националните установи се запознаа со активности и идните проекти кои се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам, а исто така и со проблемите со кои овие установи се соочуваат во текот на работењето.
Министерто Љутокв посочи дека денешната посета на Гостивар е потврда за посветеноста кон културното наследство и богатството кое го носи овој регион.
– Културата не е само одраз на нашата историја, туку и основа на нашата иднина. Со поддршка на националните институции, работиме на зачувување и промоција на нашето културно наследство, кое е основа за развој на туризмот – рече Љутков.
Тој напомена дека треба да се продолжи со реализацијата на проекти кои не само што ќе ги заштитат нашите културни вредности, туку и ќе го направат Гостивар и Македонија атрактивна дестинација за сите кои сакаат да ја откријат нашата богата културна и историска традиција.
По посетата на старата џамија во селото Равен еден од поважните објекти од културно богатство на Гостивар, министерот напомена дека во нејзината заштита повеќепати е интервенирано и за таа цел се вложени 130 илјади евра. За оваа година предвидено е 1.5 милион денари за делови во ентериерот; обработка на фасадата на минарето и да се заврши партерното уредување на дворот на џамијата.
За заштита на на црквата Св. Димитрија изградена во 1840 година и на која годинава ќе се реализира втората фаза на основен проект за конзервација и реставрација на архитектурата досега се доделени околу 35 илајди евра.
– Сакам да истакнам дека заштитата на културно-историските споменици е меѓу приоритетите на Министерството за култура – рече Љутков.
При денешната посета на Гостивар делегацијата на министерството ги посети и Беговата куќа еден од најзначајните споменици на културата во Гостивар, и куќата на Ахмет Чаку која е типичен пример на ахитектура од османлискиот период изградена во 18 век, Саат кулата, старото Медресе од 17 век. За овие објекти досега се доделени 9.243.277 денари или околу 150.000 евра.